Двојни аршини за „Рекет 2“ – предлог обвинение за Иванова, но не и за Дончев и Филипче

Има ли двојни аршини во истрагата за случајот „Диамед“? Надлежен јавен обвинител отвори обвинителен акт за поранешната сопственичка на центрите за дијализа, Вера Иванова но не и за екс директорот на ФЗОМ, Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче.
Обвинителството ја сомничи Иванова, дека во 2014 година, основала фирма за дијализа, но не за да работи во дејноста, туку да ја продаде за да се стекне со повеќекратна финансиска корист. Продажбата според обвинителството, била незаконска, без претходна согласност од Министерството за здравство како јавен партнер.

„Без да овозможи Министерството за здравство да утврди дали шведската компанија Дијаверум ги исполнува истите тендерски услови како избраното ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, обвинетата на 31.10.2018 година склучила договор со Дијаверум Шведска АВ за пренос на удел. Со ваквите дејствија обвинетата вредноста од уделот во Метрополитен кој бил 231.000,00 денари го зголемила на 11.560.000 евра за колку и го продала на новиот правен субјект, а парите ги пуштила во оптек во банки во Македонија и Монако“, информираа од Обвинителството.

За истиот случај во Октомври 2019, Иванова поднесе кривична пријава во Обвинителството против Дончев и Филипче, обвинувајќи ги дека ја искористиле својата службена положба и се обиделе да ја спречат продажбата на фирмата на шведскиот инвеститор. Обвинителството отвори предистражна постапка, но оттаму појаснуваат оти надлежниот обвинител се уште ја чекал документацијата од т.н. меѓународна правна помош пред да донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.

Во меѓувреме, и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче признаа дека контактирале со шведската компанија и оти му укажале на странскиот инвеститор дека за овој случај во земјава се води истрага.

По случајот со „Диамед“, во јавноста познат како „Рекет 2“, тогашниот директор на ФЗО, Ден Дончев поднесе оставка од функцијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста