Двојни аршини на власта – за матичните лекари нема ковид парична награда

Матичните доктори на прва борбена линија со корона пандемијата, но заборавени од власта. Вчерашната изјава на министерот за здравство дека здравствените работници од ковид центрите ќе добијат награда од по 30.000 денари, предизвика револт кај докторите во примарното здравство, бидејќи во 10-те месеци пандемија, власта ниту еднаш не се сети на нив. Го прашаа министерот Филипче дали после ова ќе треба да се повлечат од борбата која секојдневно ја бијат заедно со нивните пациенти?

„Со кој мотив сакате да работат министер матичните лекари, кога ги терате да влезат во бункер, бидејќи ги изедначивте тие што прегледуваат и тие што не прегледуваат. Зошто јас утре би примал ковид пациенти кога не прегледувам ковид пациенти како што вие велите?“, вели доктор Ненад Лазаров.

Лазаров вели оти во моментов над 20.000 активни случаи со лесни и умерени симптоми се оставени на лекување кај матичните доктори. Матичните доктори секојдневно во своите ординации примаат десетици пациенти позитивни на корона вирус, а за возврат од власта добиле само игнорантски однос.

„Сите оние кои што се на прва борбена линија во моментов не се болниците туку се матичните лекари и треба да бидеме соодветно вреднувани. Меѓутоа на жалост во оваа наша држава тезите погрешно се поставуваат и ние сме сега во една позиција каде што е неблагодарно да работиш медицина а да зборуваш за пари. Ние како примарно здравство до овој момент немаме добиено никаква помош од државата, а не пак благодарност некаква“, додава тој.

Признава дека постојат и мал број на матични доктори кои ковид позитивните пациенти ги лекуваат исклучиво телефонски, но вели оти заради такви исклучоци не смее да се дрградира целата фела.

Инаку, министерот за здравство Венко Филипче се пофали дека околу 7.600 здравствени работници од ковид центрите ќе добијат предновогодишна еднократна парична помош од по 30.000 денари.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста