Две верзии за состојбите во РЕК „Битола“ – малку лоши и многу лоши
Директоорот на РЕК “Битола“ Златко Ќурчиевски, на денешниот прес покажа умерен оптимизам, дека плановите за производство на јаглен и на електрична енергија, ќе бидат исполнети. Сепак, признава дека и натаму од лани досега, се соочуваат со проблемите со механизацијата за ископ на јаловина и на јаглен, бидејќи најголемите системи с`е уште се заглавени во јагленокопите на рудникот “Суводол“.
– Заклучно со мај, рудниците испорачаа 1 милион 625. 000 тони јаглен, што е многу близку до планираното. Очекуваме дека годината ќе ја завршиме на проектираните 4 милиони и 800. 000 тони јаглен, што ќе биде доволно да го исполниме планот на производство од 2750 GWch. Да, од лани и годинава проблемите продолжија и се соочуваме со низа опструкции во производсниот процес, пред с`е поради поплавите- рече директорот на РЕК “Битола“ Златко Ќурчиевски.
Меѓутоа, на дневно ниво, или во периодот на месец мај кога работи само еден термо- блок, состојбите се драматични. Јаглен на депонија има околу 30. 000 тони, од рудникот јаглен се ископува со лимитирачка динамика, а се троши мазут до 25 грама по киловат час струја, ни рече минатата недела поранешниот директор за производство Спиро Мавровски, кој во РЕК “Битола“ оствари 35- годишен работен век.
-Во овој момент, јавното претпријатие ЕСМ произведува некаде околу 25% од вкупното производство во Македонија, што е катастрофална состојба. Ние, како РЕК сме произведувале 75- 80%, но ова неработење на РЕК Битола значи 37% увоз на електрична енергија и тоа накнадно ќе го платат граѓаните- рече минатата недела Спиро Мавровски, поранешен дирекетро за производство во РЕК “Битола“.
Иако денеска првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски рече дека не очекува годинава зголемување цената на струјата, сепак, состојбите во РЕК “Битола“ одат токму во спротивна насока, како што тврди поранешниот директор. На крајот од овој месец, ќе се знае што ќе испорачаат ЕЛЕМ и МЕПСО до Регулаторна, но иако прогнозите за август по ланскиот црн август со 7,4 % покачување, можно е повторно тоа да се случи, сепак локалните избори се добра шанса власта да се воздржи барем во овој период.
Петар Стефановски