Две македонски семејства евакуирани од Украина – од Киев очајни повици за помош

Македонски семејства и понатаму очајно бараат помош да го напуштат Киев, плашејќи се за својот и животот на блиските. Министерството за надворешни работи заедно со партнерски земји за сега организира евакуација од Украина но само од градот Одеса. Во Киев, каде состојбата се менува од час во час, има неколку семејства кои безуспешно се обидуваат да заминат од кризното подрачје. Контактиравме со Сашо Андонов, кој заедно со своето семејство апелира македонската дипломатија да преземе нешто за да може да го напуштат Киев. Андонов вели дека тој контактира со уште три семејства од Киев, и две семејства од Полтава, каде за сега е мирно.

Состојбата малце е влошена, повеќе имаше активности синоќа, преку ден е така мирно, единствено што не можеме да излеземе од дома, се е затворено, продавници затворени, полициски час, аптеките не работат, дури и да се отворат, една аптека работи на четири населби, и да сакаш да купиш, ќе чекаш два часа, но премногу е опасно да чекаш надвор сите гледаат да се скријат. Во продавниците, што да ви кажам, продавниците се речиси празни, има нешто но нема месо, леб, конзерви, она што е најважно во ваква состојба –вели во видео пораката што ни ја испрати, Сашо Андонов

Откако МНР ги повлече македонските дипломати од Киев, вчера вечер информираше дека организирале конвој за евакуација на македонски државјани но само од Одеса. Она што загрижува е дали во брзо време МНР ќе најде начин да ги евакуира и семејствата од Киев. За сега, две семејства од Одеса се на пат кон Бугарија, преку воспоставениот безбедносен коридор.

Во постојан контакт сме со Властите на Романија и Унгарија, од каде исто така е остварена соработка и овозможена асистенција за нашите државјани кои се наоѓаат во Украина. Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево, соопшти МНР.

Сите македонски државјани кои во моментов се наоѓаат во Одеса, може да се пријават на телефонскиот број +389 75 273 732. Министерството за надворешни работи информираше дека се во постојана комуникација со нашите партнери, и правеле напори да обезбедат и други безбедносни коридори, односно конвои и од кризните подрачја од Украина.

Адријана Алексиеска