Две лица починаа од корона чекајќи да ги примат во болница- потребно ли е менување на начинот на лекување?

Дали затајува системот за лекување на заразените од коронавирусот во Македонија? Од ден во ден бројот на починати расте, но најмногу загрижува што две од жртвите починаа во своите домови, воопшто не биле лекувани на Клиниката за инфективни болести, каде се уште има слободни легла. Една од починатите, 66 годишната жена од селото Татеши, струшко не беше ниту примена на болничко лекување, што резултираше со разрешување на директорката на охридската болница.

Во домашни услови пред неколку дена почина и едно лице од Велес. Како што објавија неколку медиуми тој не бил примен од дежурниот лекар на инфективното одделение во велешката болница, по што неговата состојба драстично се влошила.

И покрај тоа што веќе имаме починати кои наместо во болница, се лекувале дома, министерот за здравство Венко Филипче, вели дека се уште нема потреба од менување на начинот на лекување на заразените.

-Во однос на пристапот за лекување на пациентите, нашиот став останува ист, тоа се заклучи на утринскиот состанок на комисијата за заразни болести, да пациентите кои ќе имаат лесна форма на болеста се третираат во домашни услови, средно тешките и тешките случаи на Клиниката за инфективни болести, изјави Филипче.

И еден од смртните случаи во последните 24 часа, на Инфективна бил донесен во тешка состојба, по што по кратко време починал.

-На клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, почина маж од Струга на 63 годишна возраст, донесен со навистина тешка клиничка слика, бројни коморбидитети, изјави Филипче.

Кај два случаи досега пак вирусот беше констатиран по смртта на заразените. Вкупниот број на починати поради коронавирусот во Македонија досега е 19 лица.

Матеја Петровски

Advertisements