Две години од несреќата на „Беса Транс“ во која загинаа 45 македонски државјани
Денеска се навршуваат две години од кобната автобуска несреќа на автопатот Струма во која загинаа 45 македонски државјани, а седум беа повредени. Истрагата е завршена, а според бугарските власти и бугарскиот заменик-главниот обвинител, Борислав Сарафов, возачот, кој е меѓу загинатите, е виновен за несреќата.
Македонското обвинителство потенцираше дека несреќата се случила на територија на друга држава и дека истрагата ја водат нивните бугарски колеги. Тие можат да помогнат само по барања за меѓународна правна помош.
Пет семејства на загинатите преку адвокатски тим од Бугарија веќе ја оспорија истрагата на тамошните институции.
Автобусот на „Беса Транс“ удри во оградата на автопатот „Струма“ кај село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември. Непосредно пред клучката Бошнек, тој излета од коловозната лента, удри во заштитната ограда, а потоа се запали при што загинаа 45 лица, од кои 13 беа деца.
Во Македонија веќе почна судски процес против управителот на „Беса транс“ за фалсификување лиценци. Само за една година, со лажна јавна исправа, автобус на „Беса транс“ 20 пати ја преминал државната граница.