Двајца градежни работници загинаа при ископ на канал во Чаир

Траорна слика во скопски Чаир. Двајца браќа на возраст од 26 и 28 години починаа, а еден 54-годишен работник е пренесен во болница откако врз нив паднала земја додека копале канал за да постават цевки за водовод. Таткото на починатите, кој работел со нив заедно со други работници и околните жители веднаш притрчале на помош, и се обиделе да ги спасат вадејќи ја земјата со раце, но сите нивни напори биле залудни. Роднините на починатите веднаш дојдоа на местото на несреќата. Жителите на Чаир останаа затекнати од трагедијата која се случи во 11 часот претпладнево.

За 15-тина минути на местото на трагедијата пристигнале пожарникарите и екипите на итната медицинска помош кои само можеле да констатираат смрт кај две лица. Телата на двајцата работници беа извлечени и однесени од погребално возило. Пожарникарите го извлекоа живиот работник, кој имал среќа земјата да не го затрупа целосно и со повреди на телото беше пренесен во старата градска болница „Св. Наум Охридски“. Повредениот, по укажаната лекарска помош, се наоѓа во добра состојба.

„Ние за среќа бевме на една манифестација во близина. Интервенираа и бригадите и доброволците. Кога дојдовме на лице место, имавме сознанија дека двајца се веќе починати. Еден беше жив и вниманието го насочивме кон него. За среќа, со помош на неколку граѓани кои се разбираа во оваа работа, морам да признаам, успеавме да го извлечеме. За среќа беше во добра здравствена состојба, беше при свест. Помагаше самиот. Со упорност успеавме. Тоа ми е најголемата сатисфакција“ – вели Нуредин Мустафа.

Од општина Чаир изразија сочувство до семејството на настраданите, но истакнаа дека општинските инспектори веднаш излегле на терен и утврдиле дека компанијата незаконски вршела ископ на канал за водоводна мрежа. Покрај работата, нелегализиран бил и објектот, односно местото, на кое се изведувале градежните работи.

– Според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот неработен ден – Сабота, се наведува во соопштението од Општина Чаир.

На местото на несреќата нема никаква ознака кој и по чиј налог требало да постави водоводни цевки за приклучок кон мрежата. Чаирчани велат дека се работело на диво за потребите на инвеститор кој во непосредна близина врши надградба на стара станбена зграда. МВР изврши увид на местото на несреќата. За случајот се известени Јавен обвинител и Инспекторатот за труд.

Тања Попова