Двајцата странци кои дошле од Келн се негативни на Ковид-19
Министерството за здравство информираше дека се негативни тестовите на двајцата странци, едниот државјанин на Сингапур, другиот на Австралија, кои од 28 февруари престојуваат во Скопје.
Денеска по пријава на хотелот, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба, каде тие останаа до добивањето на резултатите. Тие денеска ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата.
Во текот на денешниот ден беше направен и контролен тест на единствената заболена пациентка од корона вирус и нејзината ќерка, со која таа е во контакт и двете во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Тестот на пациентката е негативен на корона вирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, истиот ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка.
На денешната прес-конференција, Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, информираше дека утрово на редовниот состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со корона вирусот било предложено Владата да ја продолжи препораката за неодржување на јавни масовни собири и спортски натпревари без публика, до 13 март. Препораката ќе биде ставена на дневен ред на утрешната седница на Владата.
На барање на Министерството за здравство во соработка со мобилните оператори, сите патници од странство, при влез во нашата држава, ќе добиваат СМС порака со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје доколку имаат симптоми на вирусот, независно на кој од четирите оператори ќе се поврзат.