Два интерни и два екстерни тестови за државна матура, Царовска и матурантите се блиску до договор

Матурантите и министерката за образование Мила Царовска се речиси пред договор. Двете страни се согласуваат државната матура да се полага по различен концепт поради скратените часови и онлајн наставата кои ги затекна учениците цела учебна година. Од двете можни опции за кои се разговараше и во Собрание, Сојузот на средношколци донесе одлука да го прифати решението со кое ќе полагаат два екстерни и два интерни испити по скратена програма.

За да може да се спроведе ова решение, и од сојузот и од министерството се согласни дека мора да има промени во концептот и начинот на добивање на поените. Средношколците поставија три услови кои очекуваат министерката да ги прифати. Велат дека очекуваат разговорите да продолжат и вечерва по што ќе се знаат деталите.

Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот. Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираат: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот. Овој чекор, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити. Третиот услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот – вели претседателот на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи.

Компромисот повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, така што екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени – објаснува Ходаи.

Од МОН информираа дека со ваквиот концепт нема да се наруши квалитетот на матурата, ќе се задржи стандардот и ќе биде во интерес на сите матуранти. Сепак, матурантите и покрја постигнатото решение, нивната борба ќе продолжи се додека не биде спроведено целосното решение.

Адријана Алексиеска

Advertisements