Два дена до крајот на пописот, се разгледува можноста за продолжување на попишувањето за неколку денови
Еден милион и 700 илјади граѓани попишани на само два дена до крајот на пописот. Дали пописот ќе биде валиден и дали има време сите граѓани согласно рокот да влезат во статистиката? Додека јавноста реагира оти има населби и улици каде се уште не поминале попишувачи, во политичките кругови веќе се разгледува можноста, пописот да продолжи и покрај започнатата изборна кампања. Неофицијално, од Државниот завод за статистика побарале рокот да се пролонгира, поради изгубените денови кога системот за попишување крахираше. Според претседателот на Собранието Џафери, таква можност има, само доколку се постигне консензус помеѓу политичките партии, но прво треба да се свика итна седница за што треба да се потпишат најмалку 20 пратеници.
– Непишано правило е Собранието да работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба, да не заседава. Во однос на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека е можно да биде побарано продолжување на пописот поради хакерските напади, ова е прашање кое треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни проминенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив, истакна денеска Џафери.
И покрај тоа што голем број граѓани се уште не се попишани, од Заводот за статистика смируваат – имало време, пописот да заврши согласно предвидениот рок. За информациите дека наводно побарале продолжување на рокот, надлежните ниту демантираат, ниту потврдуваат.
Дека е можен сериозен пропуст, покажуваат бројките на избирачкиот список. Таму се евидентирани 1,800 000 граѓани. Ако се земе предвид дека се работи само за полнолетни граѓани, дополнително се појавуваат сомнежи дека резултатите од пописот може да бидат невалидни, со оглед на тоа дека се попишани само 1,700 000 граѓани вклучувајќи ги и малолетните лица.
За проблемите за време на најголемата статистичка операција, алармираа и голем број здруженија. Како последно, граѓанското движење Аваја реагираше за голем број пропусти кои се однесуваат на попишувањето на ромското население. Оттаму предупредија дека во голем број населби каде доминира ромското население, не биле дојдени попишувачи, а дел од нив, биле попишани како Албанци, Турци, Македонци.
Адријана Алексиеска