Два авиона за малку ќе се судреле над Миладиновци, АЦВ врши истрага
За влакно избегнат судар на два авиони над скопскиот аеродром. Пред шест дена авион на „Туркиш ерлајнс“, кој летал од Мадрид до Истанбул и патнички авион на „Санекспрес“ кој од турскиот крајбрежен аеродром Даламан летал за Лондон, за малку ќе се судреле над скопско Миладиновци во 18 часот и 32 минути.
Тоа може да се види и на смимката на веб страната за следење летови Флајтрадар24, која упатува дека ќе дошло до судир на двата авиони во близина на скопскиот аеродром. Непосредно пред да се разминат и двата авиони се наоѓале на иста височина од 36 илјади стапки, а 30 секунди пред да се разминат едниот се авион спуштил 250 стапки а вториот се кренал за 325 стапки нагоре и така била избегната опасноста.
Потврда за ова стигна од Македонската навигација од каде велат дека уште на 7-ми септември во 18 часот и 30 минути имало пријава за избегнат инцидент.
- „На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, наведе М-НАВ во соопштение.
Претходно од Агенцијата за цивилно водухопловство потврдија дека постапуваат по настан пријавен од М-НАВ.
Давателот на навигациски услиги М-НAВ уредно го пријави настанот и АЦВ ќе постапи по истиот, изјавија од АЦВ за МИА.
Надлежните инспектори за безбедност во авиосообраќајот ќе влезат во контролата за летање за да истражат што точно се случувало на 7-ми септември.
- „В понеделник ќе влеземе во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од комуникацијата помеѓу контролорите и пилотите на авиони, како и ќе ги прегледаме видеозаписите. Наша цел не е да утврдуваме вина, туку да идентификуваме причината која довела до инцидентот. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти и ќе ја информираме јавноста. Сè друго во моментот би било шпекулација,“ изјави Зоран Илиевски, претседателот на КИНСИВ за МИА.
Според процедурите и безбедносните мерки во авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална оддалеченост, што не било испочитувано во овој случај.