Дури 22-ца пациенти починале, а 664 се заразиле со корона во Македонија и покрај тоа што примиле вакцина

22-ца пациенти во Македонија починале од Ковид 19 и покрај тоа што примиле анти ковид вакцина. Податоците се на Министерството за здравство од каде информираат дека од вкупно починатите, 17 се разболеле во првите 14 дена по примена прва доза од вакцината. Дури 664 вакцинирани граѓани се заразиле со вирусот и покрај тоа што биле вакцинирани.

„Од вкупниот број на заразени после вакцинација, 456 се потврдени како позитивни во првите 14 дена од датумот на вакцинација, што укажува на фактот дека најверојатно истите биле во период на инкубација во моментот кога ја примиле вакцината. Од вкупниот број на починати лица (22), 17 се во првите 14 дена од датумот на вакцинација, односно дел од лицата кои најверојатно биле во период на инкубација во моментот кога ја примиле вакцината“, информираат за Алфа од Министерството за здравство.

Докторите алармираат – во земјава се уште владее скептизам кон вакцините. Професорот Никола Пановски смета дека најголем број од помладите граѓани кои изразиле интерес да се вакцинираат, се оние кои веќе ја прележале короната бидејќи тие биле најмногу исплашени од болеста.

„Најзаинтересирани за вакцина се оние што прележале, дури и оние што имаат антитела. Тие се најуплашени. Јас мислам дека од овие 250.000 што се вакцинирани, најмалку 100.000 без потреба се вакцинираа сега можеа да почекаат да почекаат, меѓутоа навистина тие прават најголем притисок веројатно се најуплашени. Но, има и голема бројка на на лица особено млади кои се подвижни и средна возраст кои очигледно се имуни на вирусот било да го прележале лесно, било без симптоми“, вели доктор Никола Пановски.

Дека македонските граѓани се скептични оти вирусот постои покажува и најновото истражување на јавното мислење кои го спровела Владата во соработка со „Индаго“. Анкетата покажала дека секој десетти Македонец смета дека коронавирусот не постои. Високи 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано Ковид 19. Во однос на вакцините само половина од испитаниците дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти се уште не одлучиле, а 28 отсто изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат. Граѓаните најголема доверба имаат во вакцината „Спутник“ дури 65 отсто, по што следат „Фајзер“ со 61 отсто и „Синофарм“ со 50 проценти. Интересот е најмал за вакцината на „Астра Зенека“.

Помалку од половина од анкетираните граѓани, само 44 проценти, сметаат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста