ДУИ во силна предизборна кампања: Речиси сите Македонци биле русофили за Али Ахмети

ДУИ во силна предизборна кампања: Речиси сите Македонци биле русофили за Али Ахмети

Речиси сите Македонци се русофили ако се слуша се посилната предизборна реторика на ДУИ. Според Ахмети и неговите сопартијци, сите кои не сакаат уставни измени под овие околности и бугарски услови биле вљубеници во Русија и Владимир Путин. Доколку се видат бројките од последните анкети, дури 80 проценти од Македонците добиваат руска етикета бидејќи не прифаќаат бугарски уцени. Интегративците без понуда играат на карта Русофилија па дури си ја промовираа и кампањата насловена „Не на Русија, Да на Европа“.

-Да и кажеме не на Русија, да на Европа. Пред вас едногласно се залагам дека нема да бидеме дел од ниту една Влада што не го менува уставот и ќе излеземе во опозиција да се бориме и да ги победиме овие егзистенцијални закани за нашата земја, изјави Ахмети.

Иста реторика како лидерот на партијата имаат и неговите главни соработници, во прв ред Артан Груби, кој важи за најблизок до Ахмети. Во повеќе наврати и тој ги прогласи за руски соработници оние кои не сакаат да ги прифатат бугарските условувања, кои Ковачевски и Османи прифатија да станат услов за Македонија на патот кон Европската Унија.

-Имаме сили кои што јавно кажаа за што се залагаат, за европски фронт и имаме сили што немаат кажано за што се залагаат, а ние би сакале да чуеме за што се залагаат. Дали се залагаат за руско источен фронт или за европски фронт, изјави Груби.

Османи пак смета дека 80 проценти од Македонците кои се против бугарските уцени покрај за Русија биле и за Северна Кореја, а не за Европа.

-Дали поддржувате политички структури кои што поддржуваат државата да биде членка на Европската Унија, или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на еве средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател. И таму се зацртува една нова алтернатива на Европската Унија, изјави Османи. 

Инаку според повеќе анкети спроведени минатиов период над 60 проценти од сите граѓани во државата се против францускиот предлог. Процентите се уште повисоки кога ќе се видат само етничките Македонци, тие меѓу 70 и 80 отсто се против уставни измени под овие услови, а за се околу 15 проценти.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста