ДУИ со услов, поништување на лустрацијата заедно со решевање на статусот на политичките затвореници

ДУИ со услов до коалиционите партнери во власта, лустрацијата може да се поништи, само ако паралелно се реши и прашањето на политичките затвореници од минатиот систем. Откако вчера СДСМ обвини за опструкции, денеска интегративците појаснија.

„Начелно во принцип ние не сме против законот за лустрација. Но би сакале за оваа работа една широко опфатна дебата и заедно со ова прашање да го решиме прашањето на политичките затвореници на минатиот систем. Овие две прашања да одат паралелно“, вели пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе се спротивстават на поништувањето на лустрацијата, бидејќи Македонија ќе остане единствена држава во Европа што не спровела лустрациски процес против оние кои од политички и материјални побуди соработувале со тајните служби. Порачаа дека во ЕУ не се оди со остатоци од комунизмот.

Една недела пред изгласување на техничката влада, владата на Зоран Заев до Собранието испрати предлог Закон за поништување на лустрацијата Со предлогот одлуките на Комисијата за лустрација за прочистување на соработниците на тајните служби се сметаат за ништовни. Оштетените ќе можат да тужат. Доколку тоа го сторат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на законот ќе добијат надомест на штета.

Дел од уставните судии за Алфа коментираат дека ако пратениците донесат ваков закон , Уставниот суд најверојатно ќе го поништи бидејќи со истиот се деградира уставно- правниот поредок.

Бојана Димитријевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста