ДУИ ги повика албанските опозициски партии да коалицираат пред избори- така Албанците ќе имале повеќе пратеници

ДУИ го аминува евентуалното здружување на албанските опозициски партии. Бујар Османи вели дека го поздравува окрупнувањето на албанската опозиција, оти само така ќе има повеќе албански пратеници во Собранието.  Интегративците велат не стравуваат од коалицијата на нивните политички противници, зошто се сигурни во нивната победа на 12 април.

Дали ќе се реализира здружувањето на сили за уривање на Ахмети од страна на Алијанса на албанците, БЕСА и Алтернатива за сега не се знае. И Беса и Алтернатива преговараат со Алијанса, но според избори на Алфа се помали се шансите Гаши и Касами да седнат на иста маса.

Додека партиите од албанскиот блок работат на заедничка стратегија за изборите, македонските партии калкулираат. Помалите партиите се уште размислуваат дали на избори да настапат самостојно, да се здружат со нови политички опции, да направат нови коалиции или да одат на проверено,  да настапуваат заедно во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

Лилјана Попоска од ДОМ која досега добиваше добитни места на пратеничките листи, вели дека се уште не разговарале за предизборни коалиции. Од ДОМ посочуваат дека тие се фокусурани на промена на изборниот законик, односно да има една изборна единица, иако  се поизвесно е дека на овие предвремени избори ќе се гласа по стариот изборен модел.

Сличен став имаат и од партијата на Павле Трајанов. Од Демократскиот сојуз велат се подготвуваат за избори, но го чекаат и исходот за изборниот законик. Сепак ќе разговараат со поголемите политички партии и потоа ќе донесат одлука.

Новоформираната Интегра засега планира сама да настапи на изборите, но тоа не е конечна одлука. Посочуваат дека се отворени за коалиција со други партии кои имаат слични интереси како нив, вели Љупчо Ристевски за Алфа.

Јове Кекеновски пак вели дека ФРОДЕМ е здружение, но сепак разговараат со нови политички субјекти за обединето настапување на изборите и веруваат дека тоа ќе биде успешен настап, оти ќе  понуделе чесни луѓе и професионална работа.

Лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ  вели дека немаат донесено конечна одлука,но по се изгледа дека и на овие избори ќе настапат како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Какви ќе бидат чекорите на Љупчо Геогриевски, Тито Петковски,  Димитар Апасиев, Горан Милевски засега нема официјални информации.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста