Дуално образование: Преку реална пракса до побрзо вработување

Дуално образование: Преку реална пракса до побрзо вработување

Преку реална пракса, до побрзо вработување. Со ваквиот концепт владата ќе се обиде да ги задржи младите во Македонија. Станува збор за проектот дуално образование кој претставува комбинација на теорија и пракса, при што посебен акцент се става на практичната обука во самите компании.

Министерката за образование со швајцарската амбасадорка, денес ја посетија фабриката  „Каз груп“, каде од прва рака се запознаа со начинот на кој оваа компанија ги регрутира учениците од стручното училиште Владо Тасески.

Јаневска рече дека Владата на Македонија преку Министерството за образование и наука се заложи дека ќе го јакне средното стручно образование.

„Годинава имаме 15.000 ученици, запишани во средно стручно образование, од вкупно 17.000. Се извинувам 12.000 од вкупно, 17,000. Имаме 62 училишта со дуално образование, од кои во прва година имаме запишано 4000 ученици, што навистина се импозантни бројки“, рече Весна Јаневска министер за образование во Македонија.

Швајцарската амбасадорка рече дека овој систем функционира подолго време во нејзината земја и дека повеќе од 70% од учениците остануваат во струката иако имаат можност за некаква преквалификација.

„Немам точни статистички податоци меѓутоа, 75% од учениците остануваат во струката и имаат можност за градење на капацитетите за преквалификација“, рече амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.

Извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев рече дека во Македонија повеќе не е стигма децата да се запишуваат во средните стручни училишта и дека се е поголем бројот на оние кои поминуваат низ овој едукативен процес.

„70% од тие деца остануваат на работа. Што е нешто што го поставивме скоро како неверојатна цел во 2019 година. Еве 2024 година ние до таа бројка дојдовме. Значи само 30% од децата кои што поминале низ овој систем не остануваат да работат. Што е одлична бројка“, рече Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора.

Инаку министерката за образование се осврна и делот со учебниците и рече дека состојбата со учебниците е одлична и дека директорите и наставниците се должни да побараат ако забележат дека недостигаат.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста