Државно – политичкиот врв упати честитки, од СДСМ ниту збор за празникот

Државно – политичкиот врв упати честитки, од СДСМ ниту збор за празникот

Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава – кажа првиот човек на државата, Гордана Сиљановска Давкова во честитката по повод 23 октомври – Ден на македонската револуционерна борба.

„Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава“ -изјави претседателката, Гордана Сиљановска Давкова.

На граѓаните празникот им го честиташе и претседателот на Собранието, Африм Гаши, и им порача дека без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност, предизвик е постојано да ги унапредуваме демократските процеси.

„Денешната генерација во нашата земја се соочува со нови искушенија и цели. Нашата стратешка цел сега е полноправно членство во ЕУ и натамошно етаблирање во НАТО“ -изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.

Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда, и економски просперитет, посочи премиерот, Христијан Мицкоски во честитката по повод празникот.

„Да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит. И ова е заедничката битка во остварувањето на целта..Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква граѓаните заслужуваат“ -изјави премиерот, Христијан Мицкоски.

Од СДСМ и нејзиниот претседател, Венко Филипче, ни збор за празникот. Алфа побара објаснување, портпаролката Богданка Кузеска ни кажа дека ќе праша зошто нема и дали ќе има честитка, засега нема дополнително објаснување.

Честитки по повод празникот упатија министри, пратеници, градоначалници, функционери, партии и организации.

Давид Крстевски
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста