Државните електрани понудија пониска цена за струја од лани

Државните електрани на Македонија понудија 7% пониска цена за струјата, споредено со лани, на аукцијата на „ЕВН“ Хоум. Електрани на Македонија понудиле 36,1 евро за мегават час, додека лани, цената со која настапија, изнесуваше 38.8 евра за мегават час. Трошокот за набавка на електрична енергија, при купување на струја од „ЕСМ“, учествува со околу 43% во крајната цена на струјата.

  • На денешната аукција за набавка на количини на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците, „ЕВН“ Хоум како Универзален снабдувач на електрична енергија доби најповолна понуда од АД „ЕСМ“ со цена од 36,1 евро за мегават час, информираат од ЕВН Македонија.

На тендерот, додаваат, учествуваа две компании – АД „ЕСМ“ и „ЕФТ“. Според Законот за енергетика, ЕСМ годинава треба да обезбеди 70% од потребните количини на ЕВН Хоум за снабдување на тарифните потрошувачи.

И додека се крчка новата цена на струјата, дел од независните синдикати на транспортери и градежници, бараат поевтинување на сметките за струја и други комуналии за 15%

Во меѓу време, Регулаторната комисија за енергетика, која учествува со 38% во креирање на крајната цена, ги прави последните анализи, за тоа – што ќе прифати од барањата на останатите фирми од енергетскиот сектор „Мепсо“, и електродистрибуција, пред да ја соопшти новата цена на струјата за домаќинствата до крајот на месецов.

Инаку, во споредба со земјите во регионот, Македонците плаќаат поскапа струја од граѓаните на Србија и Косово, каде цената за киловат час е 4,7 односно 3,7 денари. Ланското поскапување на струјата за 8% создаде без кај граѓаните кое се прелеа со протести по улиците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста