Државни грантови, продолжување на мерката од 14.500 денари – бизнисот предложи мерки за економски спас

Власта да не тактизира и итно да реагира. Бизнис заедницата по кој знае кој пат алармира дека е пред крах. Од Сојузот на стопански комори алармираат дека состојбата станува драматична. Во отсуство на владиниот, тие излегоа со пакет мерки за спас на економијата кој содржи 25 точки. Дел од нив се:

  • Олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци;
  • Потранспарентно промовирање на кредитните линии и овозможување пристап за сите што имаат потреба од ваквите средства;
  • Обезбедување национална гарантна шема за поддршка на фирмите при кредитирањето;
  • Директно и неселективно продолжување на мерката „месечна финансиска помош од 14.500 денари“ до март 2021 година

Стопанствениците инсистираат да се одложат сите даночни долгови за 2020 година, да се плаќаат на рати, без камата. Дополнително, итно и ефикасно да се стави крај на сивата економија.

  • Предлозите се базирани на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици од кои најголем е нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди итна финансиска помош, може да доведе до затворање на правните субјекти. Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките, вели Арсовска.

Овие барања се испратени до владата, но до сега од таму нема некаков повратен одговор. Алфа праша во Владата дали ги разгледале овие мерки, и кога би се усвоиле, но до овие вести одговор од таму нема.  

Се огласија од Владата. Од таму велат дека се залагале за новиот пакет антикризни мерки да се реализира преку инклузивен процес во кој преку отворен дијалог ќе се зборува за предизвиците со кои се соочуваме со цел нивно надминување.

И додека од бизнис заедницата бараат итни мерки за спас на економијата, доцнат мерките за помош на стопанството кое алармира дека е на колена. Од власта, пак, се правдаат дека мерките не доцнеле, и дека се уште се спроведувале оние од третиот пакет мерки за помош на стопанството. Инаку, најпогодени беа секторите угостителство, туризам и транспорт.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста