Државна помош за извршителите и банкарите, наместо за најсиромашните?

Ќе извисат ли голем дел од граѓаните за добивање на државна помош од 6.000 денари? Крајниот рок за префрлање на парите е денеска, но дури вчера на интернет страницата купувамдомашно.мк беше објавена листата на самохрани родители. Доколку тие немаат отворено сметки, имаат блокирани сметки или пак не извршиле ажурирање на податоците, нема да имаат право на парите. Ако банките до денеска не ги префрлат средствата , ќе треба да ги вратат во државниот буџет. Владата тврдеше дека роковите за исплата ќе се пролонгираат, за сите да добијат пари, но законски измени во овој дел засега нема. И покрај тоа што времето гази, министерката за труд јагода Шахпаска тврди дека парите ќе легнат на сметките на сите на кои им следуваат.
Граѓаните се револтирани. Со денови пред банките во главниот град, но и во внатрешноста илјадници луѓе чекаа со часови за да прашаат за инструкции како да ги решат проблемите, бидејќи парите не им беа префрлени на сметките. Голем дел од нив, со акцент на пензионерите, ги ажурираа информациите поради променети податоци во личните карти. Има и такви кои добиле пари, но имаат долгови, па се пожалија дека извршителите им ги повлекле уште првиот ден и покрај тоа што во законот јасно стои дека не треба да минусираат од државната помош. Гневот поради лошо спроведената мерка го истурија на социјалните мрежи.
„Овие 6000 денари се државна помош за извршителите и банкарите. Веднаш си ги повлекоа парите иако се најголемите лихвари во државата, а се однесуваат како леб да немаат дома. Срамота“
„Ама на тие што им е блокирана сметката, не можат да подигнат, а тие се најзагрозените случаи. Од тие 280.000 на пола им е блокирана сметката. Пак нешто се мати, ке видиме“
„Банката ми ги задржа парите за помош. Не ги дава, а имам кредит кој редовно го плаќам со траен налог. Срамота! Владата доделува пари, но банките не ги даваат, ги задржуваат“
„ Денеска на свекорот му рекле да ја донесе бабата од 90 години за ажурирање, а старата е покретна, башка секој месец и префрлаат пари на таа сметка. Не ми е јасно како да ја донесеме и зошто да се ажурираат податоци кога сметката е активна и секој месец се користи?“
Поминаа и роковите за поднесување приговори. 70 илјади граѓани или секој четврт граѓанин на кој му следуваат 6.000 денари се пожалил дека го нема на списокот. До 31-ви декември нив треба да ги разгледа и да ги одобри ли одбие Генералниот секретаријат на Владата.
Тања Попова