Државата губи стотици милиони евра, новата Влада најавува борба со сивата економија

Државата губи стотици милиони евра, новата Влада најавува борба со сивата економија

Државата губи стотици милиони евра поради нецелосно пријавување на платите на работниците – се вели во најновата студија на економскиот институт Фајненс Тинк. Непријавената работа изнесува 21,1% или 1.1 милијарди евра. Најчести прекршители се фирмите во преработувачката индустрија и градежништвото. Интересно е што, во трговијата и градежништвото кое учествува со 48% во вкупно непријавената работа, повеќе има целосно непријавени работници, додека во преработувачката индустрија тие се легално вработени (најчесто на минималец), но разликата се дели како “плата во плик“. За да се реши овој проблем, Фајненс Тинк препорачува да се поттикнуваат стартапи во сектори со ниска продуктивност, Владата да понуди таргетирана финансиска помош, да се зајакнат контролите на институциите. Неформални работници пак претежно има во секторите земјоделство, градежништво и трговија.

„Тие обично работат во рамки на мали претпријатија и функционираат како самовработени поединци или неплатени семејни работници, често заработувајќи плати кои паѓаат под законски задолжителната минимална плата. Оваа категорија работници првенствено опфаќа мажи со пониско ниво на образование отколку жени во различна демографија“ – се вели во студијата на „Фајнанс тинк“.

Домаќинствата не пријавиле 157 милиони евра, од кои 111 милиони евра приходи од вработување, 42,3 милиони евра од приходи од самовработување и речиси 5 милиони евра од капитални приходи. Не се пријавени дури 70% од наплатените ќирии од изнајмување станови и куќи. Притоа побогатите семејства затајуваат повеќе приходи, а кај посиромашните тоа зависи од образованието – колку се пониско образовани повеќе имаат тенденција да не ги пријавуваат парите.

Да се понуди финансиска помош за дел од овие луѓе, најчесто занаетчии, како мали градежници, молери, автомеханичари, да се префрлат од „сивата“ во легалната зона, за Фајненс Тинк е клучно во борбата за формализирање на економијата. Според институтот, неопходни се и строги мерки на надлежните институции за стопирање на случаите „плата во плик“.

Државниот инспекторат за труд би можел да ги фокусира своите инспекции на фирми и сектори кои имаат голем процент на работници ангажирани на непријавена работа, додека Управата за јавни приходи може да се фокусира на фирми и сектори кои имаат поголема загуба на БДВ“ – пишува во Извештајот на „Фајненс Тинк“.

Борбата со сивата економија и наплаќање на што е можно повеќе даноци ќе биде главен предизвик за новата министерка за финансии – најави таа пред да ја преземе функцијата.

Мора да ја знаеме структурата во делот на даноците по дејности, независно дали станува збор за ДДВ , персонален данок, данок на добивка, со цел да видиме секоја дејност како учествува, што се случува и нормално борбата со сива економија, кога зборувам за поврзување за двата системи, Царина и УЈП суштината е да ја спречиме сивата економија“ – вели Кочоска

И покрај високото учество на неформалната економија, сепак таа бележи тенденција на наамалување од над 40 на нешто над 20% во 2024-та. Во извештајот е наведено дека за тоа особено придонеле промената кон режимот на рамен данок во 2008 година и воведувањето минимална плата во 2012 година.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )