Државата се празни, а власта е 100% сигурна дека сега ќе помогне во намалување на одливот на кадри

Државата полека се празни, а власта е 100% сигурна дека со најавените мерки ќе ги врати младите кои масовно ја напуштаат земјава во потрага по подобра живеачка. Во обид да ја зголеми вработеноста, особено кај младите, креира мерки тие ќе помогнат во намалување на одливот на кадри од државата, рече вицепремиерката за економски прашања.

– Јас сум 100% сигурна дека ваквите мерки, кои се креираат заедно со младите, образовниот сектор и бизнисот ќе ги дадат посакуваните резултати. Ако не правите ништо сигурни сте дека ситуацијата ќе се влошува. Од друга страна, ако креирате мерки согласно нивните потреби тогаш јас сум сигурна дека доколку се создадат услови во нашата држава и целосно ја смениме сликата дека живеењето овде е добро и се нудат многу можности, младите ќе сакаат и да останат, но и оние кои отишле да се вратат и да основаат семејства во нашата држава, рече Царовска, од Економскиот факултет во Скопје.

Опаѓа и бројот на новозапишани студенти на факултетите. Деканот на економскиот факултет од Скопје рече дека иако се празнат факултетите, тие и натаму прават напори со стопанството за кадарот да остане дома. Причината ја лоцира во намалениот број на средношколци.

Деканот на правниот факултет Предраг Трпески, истакна и дека редовна пракса на Факултетот е да има вакви инфосесии со бизнис секторот, но оти ова е добра можност студентите да чујат и за мерките што ги нуди државата за полесно вработување или отворање сопствен бизнис.

За проблемот да биде уште поголем, германската амбасада согласно новата регулатива, издава и до 100 визи неделно, со што се скратува времето на чекање. Процесот на издавање на виза за квалификуваниот кадар да трае од 4 до 6 недели.

Секој кој има договор за работа ќе добие дозвола за престој на четири години или колку што трае договорот за работа. Потоа квалификуваните можат трајно да се населат во државата.

Во меѓувреме, според извештајот од Народна банка, странските инвестиции се преполовени, но тоа за власта не било проблем, зашто според вицепремиерката за економски прашања, динамиката варирала во зависност од пазарот.

Иако бројот на невработените во земјава е се уште двоцифрен, компаниите мака мачат да најдат квалификувани и стручни работници. Едно од решенијата е дуалното образование, кое и натаму мака мачи околу неговата примена.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста