Државата ќе бара финансиска инјекција за борба против кризата

Државата ќе зема кредит од меѓународните финансиски институции и комерцијалните банки, за побрзо да дојде до пари потребни за справување со последиците од корона кризата. Министерството за финансии, ќе земе заем од ММФ, Светска банка и странските банки повисок од половина милијарда евра.

Бидејќи кредитот се зема во време на техничка влада, потребни се врзани потписи, па барањето за заем освен од министерката Нина Анѓеловска, добил параф и од заменик техничката министерка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска. Се бара заем од ММФ во висина од 87 милиони евра, од Светска банка за износ меѓу 100 и 120 милиони евра, како и од странските комерцијални банки за сума до 400 милиони евра.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски напиша дека сега е време кога треба одговорно да се однесуваме.

– На компаниите и државата во овие кризни времиња и се потребни пари, затоа задолжувањето на владата иако непопуларна, но е единствена опција во овој момент за да му се помогне на стопанството. Нема да пишуваме писма до кредитобарателите за откажување на задолжувањето како што тоа го правеше СДСМ кога беше опозиција, туку ќе ја поддржиме владата во намерата да обезбеди финансиски средства за сервисирање на потребите на фирмите во периодот на кризата, напиша на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Владата донесе еден пакет мерки за помош на стопанството. Ќе се обезбедат бескаматни кредити со грејс период од шест месеци, како и субвенционирање на половина од придонесите за вработените во најпогодените сектори во наредните три месеци. За бизнис секоторот овие мерки не се доволни.

Алармираат дека се потребни итни мерки за економијата да не колабира. Опозицијата бара државата да покрие 50% од трошоците за вработените, како за придонеси, така и за плата.

– Повторно бараме да се донесат итни економски мерки! Владата да покрие половина од вкупните трошоци за секој вработен. Вкупните трошоци вкучуваат и плата и придонеси за пензиско и здравствено осигурување како и персонален данок, пишува потпретседателот ва ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Барањата за заем ќе бидат испратени веќе во понеделник, бидејќи е потребна итна финансиска инјекција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста