Државата има пари за бадминтон, ама не за олимпијада за математичари и информатичари

Расте револтот и разочараноста на младите и спортистите кон Агенцијата за млади и спорт. По реакцијата на најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе, кој јавно порача оти државата несоодветно ги распеделува финансиите, на социјалната мрежа „Фејсбук“ се јавија и информатичарите. Јован Крајевски вели оти државата со години дава поддршка за бадминтон со 260.000 евра за неполна деценија, а младите информатичари со години наназад мора сами или со спонзорства да си ги покријат патувањата за интернационални олимпијади и натпревари.

-Секоја година јас, моето семејство и останатите пласирани натпреварувачи одевме по пријатели и фирми да се мољакаме да ни го покријат патувањето. Ако не успеевме, некој друг ќе идеше наместо нас. Ова патешествие го поминуваат 4 средношколци секоја година. Уште 6 го поминуваат истото за олимпијадите по математика. Дополнително има и трошоци за балканијади по информатика и математика. А државата двои 260.000 евра за бадминтон во последните 9 години. И тоа сигурно не е перење пари, бидејќи бадминтонот цвета во Македонија и сите го следат, и е многу поважен од развојот на информатиката и математиката, се наведува во фејсбук статусот на Крајевски.

Гневен е и Стефановски, кој по првичната реакција оти за него и тимот Агенцијата не одвоила нуту денар, ги демантираше и информациите оти од годинава добил ваучер во износ од 500.000 денари, а лани од буџетот на АМС му биле доделени 8,5 милиони денари. Стефановски за Алфа вели, иако не сака, доколку Агенцијата нема интерес за него, може да се натпреварува и под друго знаме.

Освен фејсбук статусот оти Иџе со години добивал поддршка, од Агенцијата за млади и спорт молчат на сите новинарски прашања на Алфа.

Недостапен за коментари е и директорот на државната Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, кој преку смс порака информира дека во моментов не е во земјава.

Па остануваат неодговорени прашањата, дали и зошто за бадминтон се одвојуваат годишно, во просек околу 28.800 евра, и која е причината за одлуката, на Стефановски, спортист кој пред пет години истата Агенција го прогласи за најдобар, да не му се доделат парични средства за сезонава.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста