Државата без слух за инвеститорите, наместо поевтини, ќе плаќаат двојно поскапи царини

Државата и дефинитивно ги остави на цедило странските компании, па така од сега наместо поевтини, ќе плаќаат двојно повисоки царини за производите. Министерката за финансии која со денови не одговараше на барањата на фирмите, се правда дека компаниите на време не доставиле барање, па затоа не им излегле во пресрет.

Иако компаниите бараа итно решение за царинските стапки и сведување на нивото од ЕУ, сето тоа било попусто, ако се суди според изјавата на министерката за финансии.

Во услови на пандемија и во време кога се најавени промени во глобалните синџири на добавувачи, инвеститорите сметаат дека е неопходно дополнително намалување на царинските стапки, но очигледно Владата нема слух за нив.

Царинските стапки на 12 производи беа преполовени во период од 6 месеци. Сега се враќаат на старо и ќе бидат три пати поголеми од оние што важат во Европската унија.

Ако во Унијата царинските стапки на 12-те производи се движат од нула до 3,7%, во земјава моментално се од 3.5% до 7.5%, а од овој месец ќе бидат помеѓу 10 и 15%. Алфа дојде до дописот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство кои бараат од власта одговор што ќе се прави веќе од овој месец, за да можат да го планираат производството, но барем до сега од таму молк. Компаниите бараат израмнување на царините на ниво на оние во ЕУ.

– Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции во споредба со другите земји-членки на ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкуретни македонските производи. Во Македонија нема домашни компании кои произведуваат компоненти кои се вградуваат во производите кои натаму се извезуваат од Македонија и се увезуваат од земји-членки на ЕУ, но често и Кина, Јапонија и други земји од Далечниот Исток и при увоз од овие земји се плаќаат непотребно високи и нелогични царини, велат од Асоцијацијата.

Странските компании со технолошки напредно производство веќе алармираа дека се соочуваат со сериозни загуби поради пандемијата. Тие побараа грантови за големите извозни фирми, 6 месечен мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и продолжување на субвенциите за исплата на плати. Инвеститорите имаат приходи кои достигнуваат скоро 3 милијарди евра годишно и вработуваат 28.000 луѓе.

Борис Грујоски