Другари се степале во скопски автобус, едно дете се бори за живот

Малолетник се бори за живот, по крвавата пресметка во скопски Сарај. Крваво пладне го одбележа денешниот ден откако малолетници по физичка пресметка во автобусот со број 56 се повредени со остар предмет и префрлени во скопските болници. Групата која имала меѓусебна пресметка, брои 4 лица од кои 3 беа во градската општа болница 8 септември, а сега веќе се пуштени на домашно лекување, додека пак едно од момчињата,кое се бори за живот е во клиничкиот центар Мајка Тереза, соопштуваат од болницата 8 септември. Има само 17 години. Од клиниката за Алфа велат дека повредениот има неколку убодни рани во градниот кош и во абдоменот.  Другите малолетници кои биле во 8 септември, како што вели директорот на болницата, не се во животна опасност и се третирани веднаш откако се примени во болницата.

Од МВР велат дека според  последните нивни информации, станувало збор за 3 лица кои учествувале во физичка пресметка.

На 12.09.2019 околу 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека бил нарушен јавниот ред и мир во автобус бр.56, при што со повреди од остар предмет се здобил малолетник, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Со повреди се здобиле и уште две други малолетни лица кои се пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“. Полициски службеници од СВР Скопје излегоа на увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Според неофицијални инфомации со кои располага Алфа, момчињата кои учествувале во тепачката биле другари, и расправијата настанала откако најповредениот се фалел пред другите дека со себе носи нож.

Дел од жителите на Сарај велат за инцидентот воопшто и не слушнале, додека пак дел велат дека слушнале од медиумите , но не им е нешто невообичаено бидејќи како што велат тепачките во оваа општина не се ретка појава.

На масовните тепачки во автобусите или пак на автобуските станици, но и на улиците каде секогаш жртви се младите и малолетниците никако да им дојде крајот.  Последен пример е смртта на младото 17 годишно момче од Ново Лисиче, кое трагично го загуби животот од убод од нож.

Загрижува фактот што ниту образовните институции ниту полиција успеваат да стават крај на насилството меѓу деца во кое многу често се употребува и ладно оружје.

Мери Ѓорѓиевска