Драстично расте бројот на мигранти во Македонија, вчера фатена група од 211 луѓе, од кои 63 деца
Состојбата со напливот на мигранти во земјава излегува од контрола. Се поголем е бројот на илегални мигранти кои полицијата речиси секојдневно ги фаќа низ Југоисточниот регион, во се поголеми групи. Денес до нашата редакција пристигнаа снимки од граѓани на Струмица, на кои се гледа како поголема група мигранти бега над градот, околу Цареви Кули. Според очевидците, денеска во градот комбе со мигранти предизвикало сообраќајна несреќа, по што мигрантите побегнале. Од струмичката болница, за Алфа ја потврдија информацијата дека на одделенијата ортопедија и хирургија, има доста повредени.
Синоќа во уште една полициска акција, во гевгелиско Стојаково фатени се 211 мигранти, од кои 63 малолетни деца. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, мигрантите се фатени при контрола на товарно возило со скопски регистарски ознаки, управувано од 27 годишен скопјанец.
Возилото се движело по земјен пат од с.Стојаково, кон регионалниот пат Богданци-Гевгелија. Од 211-те пронајдени мигранти, 144 се од Бангладеш, а 67 од Пакистан. Мигрантите се пренесени во Прифатниот транзитен центар во Гевгелија, а возачот бил приведен во полициската станица во Гевгелија.
Во Македонија и покрај состојбата со корона кризата, напливот на мигранти е се поголем. Надлежните досега немаат одговорено во јавноста, дали мигрантите се тестираат на корона вирусот, се ставаат ли во карантин, се вршат ли здравствени контроли и проверки и постои ли можност да побегнат од транзитниот центар од Гевгелија и да го стават во ризик околното население?
Дијана Тасева