Драматични состојби во РЕК „Битола“, тврди Спиро Мавровски – поранешен директор во РЕК „Битола“

Во РЕК „Битола“ состојбите се драматични, поради малите количества на јаглен на депонија и дневно производство помало отколку што се троши, а во термоелектраните, од три блока работи само третиот со половина снага. На оваа состојба укажува м-р Спиро Мавровски, електроинженер во пензија, кој долги години беше директор за производство и целиот работен век, до пред некој месец, го помина во Комбинатот.

Во овој момент, состојбата во РЕК „Битола“ е крајно драматична. Значи, на депонија имаме само 25- 30. 000 тони јаглен, недоволно за работење во наредните неколку дена. Дневното производство на јагле се движи 2. 000 тони во смена, што значи дневно 6.000 тони  и имаме големи и сериозни проблеми. Сето ова се должи на неработењето и незавршените ремонти на време во рудниците – изјави м-р електро-инженер Спиро Мавровски.

Поради сето ова, поранешниот директор во РЕК „Битола“  и член на Комисијата за енергетика на ВМРО ДПМНЕ, вели дека директно се одразува во работењето на електраните и врз  малото производство на електрична енергија.

Работи само половина термо- блок и со оваа потрошувачка од 2.000 тони, троши повеќе мазут. Поради сето ова, во ЈП ЕСМ се произведува 25%  во РЕК “Битола“ од вкупното производство, што е катастрофално. Ние сме произведувале 75- 80% од вкупното производство на државата, а ова неработење на РЕК „Битола“ значи 37% увоз на електрична енргија, што ќе го платат граѓаните- рече Мавровски.

Мавровски, јавно го запраша раководството на РЕК „Битола“ и на ЕЛЕМ,  кој  го врши ископот во рудникот „Суводол“,  по кој договор и колку сега чини 1 MGWch произведена електрична енергија? Тој тврди дека во “Суводол“ ископите се вршат без тендер.

Во Одговорот на РЕК „Битола“ на нашите прашања се вели дека на депонија има повеќе јаглен од споменатото количество и е доволно за непречена работа, а ископот на јаглен се одвива согласно предвидената динамика и техничко- оперативните услови на терен. Исто така, не постои израз “половина блок“ и несоодветствува со реалноста, а во моментов се произведува електрична енергија согласно побарувањата на електроенергетскиот систем. Ископите се во согласност со Законот за јавни набавки, се вели со Соопштението од РЕК „Битола“

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста