Драматичен раст на смртноста од Ковид 19 – засилени мерки сепак нема

Поразителни податоци за смрттноста од Ковид 19 – за само една седмица бројот на починати во земјава се зголемил за 41 отсто. Алармантните бројки ги објави ИЈЗ – вкупно 127 пациенти од 22 македонски градови ја изгубиле битката со болеста минатата недела.

Нов црн рекорд беше забележан вчера – дури 30 пациенти за еден ден починале од компликации предизвикани од вирусот. Сепак, надлежните се уште тактизираат. Министерот за здравство Венко Филипче вчера порача оти не било време за воведување полициски час или карантин. Вели верувал дека мерката за забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор ќе дала резултат.

„За сега сметаме дека овие мерки се сосем доволни, еве и оваа дополнителна рестрикција за забрана за групирање. Во следниот период ако се почитува ќе даде соодветни резултати“, рече вчера Филипче.

Експертите пак алармираат оти време за чекање нема. Епидемиологот Драган Даниловски, преку медиумите повика движењето да се ограничи почнувајќи од викендов.

„Зошто не можеме да исчекаме две недели? Затоа што, ако секој нареден ден имаме по околу 1.000 позитивни, за 10 дена ќе имаме 50.000. Ако од нив во просек се хоспитализираат 30, за 10 дена ќе дојдеме до 1.300. Не може до бескрај да се пренаменуваат клиники за ковид пациенти“, алармира професорот Даниловски.

Неофицијално, Комисијата за заразни болести на утрешниот состанок сепак ќе ја отвори можноста за полициски час, но тоа ќе зависи од бројот за ново заразени пациенти и исполнетоста на болничките капацитети.

Во земјава, над 1000 пациенти се на болничко лекување.

Инаку, Македонија е меѓу првите 20 земји во светот по бројот на починати на еден милион жители.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста