Драма во Кратово: Со часови носеле премрзнат човек на раце низ планински предел, без помош од надлежните служби

Шеесет и тригодишниот овчар кој за да го спасат , повеќе од пет часа роднини и медицинска екипа го носеле на раце по козји патеки, за живот се бори во Штип.  Од среда вечерта е хоспитализиран на хирургија. Неговото здравје е критично. Се наоѓа во коматозна состојба и е неоперативен . Направени му се сите испитувања. Дијагностицирано е мозочно крварење, информираат од Клиничка болница-Штип.

 Со спасувањето на средновечниот маж од кратовското село Емирица институциите не го положија најголемиот испит, а тоа е човечноста. Кој потфрли во целата оваа спасувачка акција? Од Здравствениот дом во Кратово велат дека тие се јавиле во пожарната служба и подрачната на ЦУК, од каде што им рекле дека не се надлежни.

   „ Во постојан контакт бев со градоначалникот. Му реков дека лекарот кој е на терен, бара да се испрати хеликоптер.Тој ми рече од кде сега да бараме хеликоптер…и на тоа останаизјави за Алфа, дир.на Здравствен дом Кратово д-р Горан Крстевски.

Првиот човек на Кратово, кој по вокација е и лекар наместо да покаже солидарност и емпатија, тој се посомнева во стручноста на неговиот помлад колега, но и на тоа дека цели пет часа на раце во импровизирана лежалка носеле пациент. Рече, целосно бил запознат со случајот.

 „Прво медицинската екипа побара трактор, но поради конфигурацијата на терен оваа барање го одбивме. Што се однесува до хеликоптерот , процедурата за летови е долготрајна, ќе се изгубеше драгоцено време, а прашање ќе беше дали и ќе го добиеме изјави за Алфа градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев.

Наспроти тврдењата на градоначалникот дека сите релевантни институции биле известени за случајот, од Дирекција за спасување и заштита категорични дека до нив не стигнало аларм за спасување на човечки живот.

„Доколку бевме известени , секако дека ќе се вклучевме во акцијата-изјави  заменик директорот  на ДЗС Зулфиќар Зејнулаи.

За акцијата да се спаси човечки живот реагираше и претседатетелот Пендаровски кој рече дека Армијата не добила барање за помош во спасувачка акција. Доколку такво барање дошло до неа, преку ноќ би било одобрено, бидејќи има на располагање армиски хеликоптери и стручни единици.

Фрапиран од ноншалантната демонстрација на префрлање на одговорност е и шефот на дипломатијата, кој порача дека правилото мора да биде како да се реши проблемот, наместо како да се најде оправдување за да не се делува.

   Голготата за да спаси човечки живот вчера на социјалните мрежи ја раскажа младиот лекар од Кратово, кој во неколкучасовната акција бил оставен сам на себе, бидејќи сите повикани институции се прогласиле за ненадлежни.  

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста