Др. Карева Пиловска: Избегнувајте прекумерно изложување на ниски температури
Од службата за Итна медицинска помош апелираат граѓаните да избегнуваат прекумерно изложување на ниски температури но и претпазливос со лизгавите површини.
Падот на температурите е очекуван со оглед на годишното време, и затоа би советувале трпение, како и увид на пациентите во својата здравствена состојба, особено при планирање на различни активности на отворено. Секој е првично задолжен за своето здравје, а ние би ги советувале сите да избегнуваат прекумерно изложување на ниски температури, како и претпазливост со лизгавите површини. Додатно, консултирајте се со вашиот лекар доколку има потреба за приспособување на вашите лекарства за време на зимските месеци – вели др. Елена Карева Пиловска – ИМП.
Од ИМП информираат дека изминатото деноноќие имало вообичаен број на интервенции и најголемиот дел не биле поврзани со повреди предизвикани од лизгави површини или прекумерен студ.
ИМП во последното деноноќие имаше вообичаен број на интервенции со акцент на кардиоваскуларна и невролошка патологија. Најчести се влошувањата кај исхемични кардиомиопатии, хипертензија, и хроничните белодробни заболувања. Во останатите интервенции се вбројуваат и: труењето со лекови, влошување на различни психијатриски состојби, како и два смртни исходи во јавна средина – додава др. Пиловска.