ДПИ не кажува колку контроли извршиле во угостителските објекти во Струга и Охрид во кои летово се одржуваа свадби

Кривата на новозаразени во охридско-струшкиот регион нагло порасна, разните свечености и забави го земаат својот данок. Здравствените власти проговорија-дури 40% од хоспитализираните пациенти дале епидемиолошки податок дека биле на некаква прослава. Дека ковид свадбите им преседнаа посебно на иселениците говорат информациите дека во струшко во период од 15-ти јули до 15-ти авуст, само во еден ден се одржувале од 20 до 30 свадби во семејни куќи, ресторани, хотели, дури и во затворен простор притоа не водејќи сметка по колку луѓе седнуваат на една маса-неретко наместо дозволените 6, се тискале дупло повеќе од дозволеното, исполнувајќи го целосно капацитетот на објектот.

За илустрација, само во еден еминетен хотел на струшката ривиера каде строго се почитуваа протоколите, биле закажани и се одржале 60 свадби,со половична исполнетост на капацитетот. Ќарот на хотелско-угостителските објекти каде изминатот период се одржуваа свадби и со над 400 гости е голем и изнесува од 8 до 10.000 евра од свадба. Сопственците на објектите имаат повеќе есап да платат казна, отколку да ги откажат.

Ваквото однесување предизвика револт на социјалните мрежи.

”На такви места каде не се почитуваа мерки отиде некој, исконтролира,казни? Зборувам за овие близу два месеци кога Македонија беше како село без пес. Инспекциските служби или кој и да е надлежен за контрола не функционираат од почетокот на пандемијата.Виновни се инспекциите, кога се нема совест,барем оние што се надлежни да си ја вршат работата.Не се само свадбите ,а преполните плажи во Охрид и дискотеки со по 3.000 посетители ? Колку луѓе имаше во Охрид дојдени од страна кои слободно присуствуваа во хотели,кафетерии на отворено и затворено без никакви ограничувања?”

За ова побаравме информација од Државниот пазарен инспекторат, не интересираше:

  • Колку контроли извршиле во угостителски објекти во кои се одржувале свадби во период од 15.07 до 15.08 во Струга и Охрид?
  • Дали некоја свадба била прекината поради прекршување на протоколите?
  • Какви се’ неправилности откриле и дали некој угостителски објект е казнет?
  • Дали е точно дека во Струга имало ситуација инспекторите да изречат казна,а свадбата да не биде прекината?
  • Колку објекти во Охрид каде се оджуваа концерти и разни настапи без никакво почитивање на протоколите, се санкционирани? Одговор на прашањата сеуште не добивме.

Бидејќи епидемиолозите велат дека новозаразените се претежно млади,одговор побарвме и од министерството за здравство.Прашавме, дали е точно дека на скопските клиники се хоспитализирани 17 млади лица кај кои е дијагностициран ковид 19, а се заразиле на забава во Охрид ? Дали меѓу хоспитализираните има и малолетни лица кои се заразиле на бројните забави во Охрид?

Во недостиг на официјална информација, епидемиолозите велат дека заразата се повеќе се дијагностицира кај младите кои не се вакцинирани и кај иселениците кои буквално биле враќани од охридскиот аеродромот со позитивен ковид тест. Само вчера во еден час биле регистрирани 12 позитивни лица, што значи на секој 5 минути се дијагностицирал по еден заразен.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста