Дозволена музика и играње, детално еве какви се протоколите за одржување свадби

Усвоени прецизирани протоколи за одржување на свадби – дозволена е музика и танцување со растојание

Мерење на телесна темпертура на влез, дезинфекциони средства, оддалечен бенд, растојание при танцувањето, задолжително носење маски за вработените, се само дел од строго пропишаните протоколи, што ги усвои Владата за одржување на свадбени прослави.

Според протоколите, дозволено е одржување на свадби во отворениот дел на локалите, односно на летните тераси до максимум сто лица, но не повеќе од 50 проценти исполнетост на капацитетот.

Дозволен е максимален број од шест лица на една маса со задолжително почитување на пропишаното растојание помеѓу секој гостин и растојание помеѓу масите.

Организаторот на прославата има обврска да достави листа на гости до одговорниот менаџер на објектот кој, пак, има обврска да го евидентира секој гостин на прославата.

Организаторот е обврзан и да ги запознае сите гости со препораките предвидени во протоколот.

Задолжително е при влегувањето на гостите, тие да бидат спроведени од страна на одговорно лице од угостителскиот објект.

На влезот на отворениот дел од угостителскиот објект/терасата треба да има поставено дезинфекциско средство со видливо известување дека е задолжително да се дезинфицираат рацете при пристигнувањето.

Доколку на отворениот дел од угостителскиот објект има поставено прегради или ѕидови направени од плексиглас, пластика или стакло, потребно е да се отстранат или отворат така што просторот на терасата да остане од трите страни отворен.

Менаџерот на угостителскиот објект е должен да ја регистрира и пријави прославата во Комората на угостители која води регистар на свадби, прослави и веселби.

Ако се движат во затворениот дел, гостите задолжително треба да носат заштитни маски. Во однос на казните за непочитување на мерките, за нив се задолжени надлежните институции што ќе контролираат.

Задолжително е мерење на температура пред влез на гостите од страна на одговорно лице од угостителскиот објект. Доколку кај некој од гостите се констатира покачена телесна температура (температура повисока од 37,5 степени) веднаш ќе бидат вратени и упатени да се јават кај својот матичен лекар.

Во случај на доаѓање на лица неевидентирани во листата на гости по добиено одобрение од организаторот ќе им се одобри присуство и ќе бидат внесени во листата за евиденција на присутни гости.

Задолжително е почитување на општите превентивни мерки и препораки при пречек на гости и за цело времетраење на свадбата – забрането е поздравување со ракување, гушкање или друг вид на физички контакт со гостите.

Само при организирање на свадби дозволено е ангажирање на музичари, односно естрадни уметници кои се лиценцирани.

Музичарите треба да бидат оддалечени најмалку пет метри од најблиската маса за гости, без право на движење и пеење помеѓу гостите.

Јачината на музиката не треба да ја надминува пропишаната граница на јачина во угостителски објект.

Дозволено е играње на подиумот за игра со обезбедено простор од четири квадратни метри по лице, при што е потребно да се почитува препорачаната дистанца.

На гостите им е дозволено да влезат во затворениот, односно внатрешниот дел од објектот при потреба да користат тоалет.

Вработените во угостителскиот објект задолжително носат заштитни маски преку устата и носот и зачестено одржуваат хигиена и дезинфекција на раце.

He е дозволено послужување на гости на маси за стоење и на шанк.

Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса.

Предвидени се и засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорнто лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна.

По завршување на прославата, задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 отсто натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70 отсто алкохол за дезинфекција на горни површини. Потребно е и редовно одржување на хигиената во тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на препорачаните антивирусни дезинфекциони средства.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста