Довербата на владата може повторно да биде ставена на тест, без да се чека да поминат 90 дена
Која беше вистинската намера на Заев со барањето собранието да гласа за доверба на владата?Во политичките кулоари интензивно се шпекулира со две варијанти. Првата која сам ја кажа од сибраниската говорница дека сакал да прикаже превласт во собранието наспроти најавите од опозицијата дека има мнозинство кое брои 61 пратеник и дека наскоро владата може да падне. Втората е дека можат да се очекуваат нови турбуленции поврзани со важни внатрешно и надворешно политички прашања по кои довербата на владата нема да може повторно да биде ставена на тест во наредните 90 дена. Од причина што гласањето го побарал премиерот.
Сепак судејќи според член 92 од уставот Заев на тоа не може да се надева. Бидејќи највисокиот акт им дозволува на пратениците да побараат да се провери довербата на владата доколку тоа го сторат мнозинството односно 61.
“Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка”, се вели во членот 92 од Уставот.
Заев вчера ненајавен се појави во собранието и повикувајќи се на член 217 од деловникот побара да се гласа доверба на владата без јавна расправа. 62 пратеници гласаа за доверба на владата,а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата во моментот на гласањето. Ова е прв пат, некој премиер само половина година по избори да се одлучи на ваков потег. Опозицијата реагираше дека премиерот сака да го прикрие слабото работење последниве неколку месеци.
Градимир Марковски