Дописите на Катица Јанева од притвор му донесоа кривична пријава на Јовески

Дописите на Катица Јанева од притвор му донесоа кривична пријава на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Поранешната специјална обвинителка од Шутка писмено информираше дека се повлекува од функцијата и дека ги предава предметите на СЈО во надлежност на Основното јавно обвинителство. Дописите предизвикаа бура реакции во јавноста, бидејќи не беа заверени ниту од нотар.

Сега настанува една апсурдна ситуација, вели Васко Костески од Здружението на граѓани за почитување на прописите.Тој вели дека Јовески ќе треба да одлучува сам за себе за непостапувањето да ја разреши Јанева од функцијата.

“Тој по службена должност согласно законот за обвинителство требаше да и ги одземе ингеренциите на госпоѓата Јанева и да не може да постапува како специјален јавен обвинител. Тоа не се случи, така да понатаму излезе една апсурдна ситуација, таа од притвор наводно испраќа дописи.” – изјави за “Алфа”  Васко Костески од Здружение на граѓани за почитување на прописите.

Здружението и претходно има поднесувано кривични пријави. Една од нив е против 64 пратеници, меѓу кои и спикерот Талат Џафери, за неговиот како што велат од таму нелегален избор. Кривична поднесоа и против Катица Јанева и обвинителите од СЈО поради покренувањето обвиненија по рокот од 18 месеци. Костески вели и за двете Обвинителството се прогласило за ненадлежно.

“И таа кривична пријава заврши така што не се надлежни за гонење по службена должност. Кога институциите ги кршат законите не знам кој е надлежен.” – рече Костески.

Катица Јанева и целиот тим на СЈО, пред околу еден месец заработија кривична пријава и поради солените бонуси кои сами себеси си ги делеле во изминатите години.

Ања Василева 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста