Донев за Алфа: Македонија може да има корист од анекс со Бугарија доколку имаме храбри политичари, кои за жал ги немаме

Евентуален анекс на договорот со Бугарија е шанса која може да ја искористи Македонија, но доколку има храбри политичари кои за жал ги нема, смета универзитетскиот професор Јован Донев. Тој за Алфа вели дека на секое барање на Бугарија, Македонија може да излезе со свое контра барање, повикувајќи се принципот на реципроцитет. Сепак Донев смета дека македонската Влада нема да има нови барања, кои би довеле до заштита на националните интереси на Македонија.

-Ако имаме ние сериозни дипломати, ако имаме сериозна Влада и сериозна опозиција, тоа морам да го кажам, тогаш тоа можеме да го искористеме и да ги вратиме назад работите каде што им беше местото. Затоа што Бугарите ја изместија благодарение на тоа што нашата Влада нема стратегија да го реши прашањето. Клучниот момент е дека пред се треба да имате храбри политичари во Македонија, за жал ги немаме, луѓе кои што знаат да се спротистават, да си бранат својата нација, изјави Донев.

Донев смета дека имаме свои карти во рака за контра барања од Бугарија. На пример во врска со територијалните претензии на тема Македонија, Донев потсетува дека Бугарија е таа која ги има истите, славејќи го денот на Санстефанска, односно голема Бугарија.

-Ако Советот на Европа укажува дека постои македонско национално малцинство во Бугарија, сите тврдења на бугарската страна и упатувања и обвинувања кои се упатуваат кон Македонија дека сме фалсификувале историјата не се точни. Македонците во Бугарија не ги создал Тито, ако нас не создал Тито како што тврдат Бугарите, вели Донев.

Донев вели дека тешко е да се очекува Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија, со оглед на тоа што за разлика од ситуацијата кај нас, околу националните интереси кога е во прашање спорот меѓу Македонија и Бугарија, кај источниот сосед и власта и опозицијата имаат ист став.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста