Донев за Алфа: Брегзит ќе има последици и за Македонија

Нови предизвици пред Македонија по излегувањето на Велика Британија од Европската унија. Поранешниот наш амбасадор во Обединетото Кралство, Јован Донев за Алфа вели можно е да дојде до потпишување на нови трговски договори, а како можен проблем го посочи и образованието, вели досега Македонија имала доста развиена соработка со Велика Британија на ова поле.

„Генерално ќе има последици, како што има последици и за некои други држави кои не се во Европската унија. Излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ ќе доведе до промена. Ќе мора да размислуваме за евентуално потпишување на нови трговски договори со Обединетото кралство. Ќе има свои реперкусии и во областа на образованието и науката. Македонија е генерално англофонска држава, англискиот јазик е условно втор во Македонија и ние имаме досега развиена соработка со Обединетото Кралство, вели Донев“.

Според Донев, Македонија ќе мора да инсистира барем на задржување на сегашното ниво на соработка со Велика Британија, сепак порачува ќе имало многу работа на ова поле.

„Генерално ние како држава треба да инсистираме за продолжување на соработката, евентуално задржување на досегашното ниво, нормално продлабочување на соработката на билатерален план. Има многу работа многу многу работа ќе има“, додава тој.

Околу нови договори на релација Скопје- Лондон говореше и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски. Тој вели ако работите досега одеа преку Брисел, сега ќе одат директно со Лондон.

Подготвен бил новиот трговски договор, а истиот се очекува да биде донесен наскоро на владина седница. Жерновски порача дека не треба да се заборави дека и покрај излегување од ЕУ, Велика Британија останала во Европа.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста