Дончиќ го урна Лејкерс, дербито на Исток за Милвоки

Ниту враќањето на Ентони Дејвис не му помогна на Лејкерс да избегне нов пораз, и тоа на свој терен од Далас со 115-110. Лука Дончиќ диригираше на мечот со 30 поени, девет скока и осум асистенции, и за него ова е 18ти меч по ред со најмалку 30 поени и по пет скока и асистенции. Прво име кај Лејкерс со 29 поени беше Колдвел-Поуп, а Дејвис по пропуштени 30 средби својот камбек го одбележа со само 4 поени, 4 скока и 1 асистенција за 17 минути игра.

Дербито на Исток меѓу Милвоки и Филаделфија му припадна на домашниот тим со 124-117. Бакс предводен од Антетокумпо со 27 поени и 16 скока му го нанесе третиот по ред пораз на Севентисиксерс, па така ова е шанса за Бруклин доколку вечерва го победи Бостон да го презеде врвот на Исток од Филаделфија.

На останатите средби, домашни победи за Сан Антонио над Детроит 106-91, Чикаго против Шарлот 108-91 и Бостон со Феникс 99-86, на гости се радуваше само Њу Орлеанс над Орландо со 135-100.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста