Доналд и МеланијаТрамп позитивни на корона вирусот

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија се позитивни на корона вирусот и  веќе се во карантин. Позитивниот тест за Доналд и Меланија Трамп следуваше откако една од неговите најблиски соработнички, Хоуп Хикс, беше регистрирана како позитивна на вирусот. Таа патувала со Трамп, за првата дебата со ривалот од демократската партија, Џо Бајден, во Охајо. Трамп пред да ги добие резултатите дал телефонска изјава за американските медиуми.

  • Бев изненаден кога слушнав за Хоуп, но таа е толку топла со нив. Тоа се случува. Подоцна ќе имам резултат. И првата дама исто така, затоа што ние минуваме многу време со Хоуп и останатите. Ќе видиме што ќе се случи. Мора, мора да ги третираме нашите луѓе добро. Не може само да им велите: подалеку, подалеку! Ви приоѓаат. Има толку многу љубов заради сето тоа што го направивме за нив, толку многу љубов, вели Трамп во телефонска изјава за Фокс Њуз.

Трамп, има 74 години и со тоа е во високо-ризичната група од Ковид – 19. Според правилата на американскиот центар за контрола на болестите, по позитивен тест за корона вирусот, задолжителна е 10 дневна изолација, а до претседателските избори преостануваат само 32 дена.

Американскиот претседател беше критикуван поради неговиот однос кон пандемијата, чија опасност ја потценуваше, избегнуваше да носи маски , па дури и го исмеваше Бајден дека постојано е со маска на лицето.

Американските медиуми, меѓу кои и весникот „Њујорк тајмс“ објави дека кандидатурата на претседателот на САД, Доналд Трамп на престојните избори е неизвесна. Имено како што наведува весникот, позитивниот тест на Ковид 19 може да  поттикне прашања дали неговото име треба да стои на гласачките ливчиња на изборите на 3 ноември. Сепак, Лекарот на Трамп  денеска најави, дека тој ќе продолжи со своите претседателски обврски од карантин, а здравствената состојба му е добра.

Британски „Гардијан“ објави анализа за веста дека Трамп и неговата сопруга се позитивни на вирусот. „Гардијан“ пишува дека ако болеста на Трамп стане сериозна и тој не биде  во состојба да ја води земјата, потпретседателот Мајк Пенс ја води државата.. Доколку, евентуално, и тoј заболи од корона или од кој било причини  не е во состојба да раководи со САД, тогаш, претседателската функција би ја презела спикерот на Претставничкиот дом – Ненси Пелоси.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста