Долненските тутунопроизводители во паника, огромни количини неоткупен тутун им „дремат“ во домашните складишта

    Преполни тавани, подруми, гаражи со тутун, и испаничени, очајни, но и изреволтирани тутунопроизводители. Тоа е деновиве, доминантната слика во долненско, на само една недела пред крајот на годинашната откупна кампања. Крајно разочарани од досега незапамтено лошиот откуп на тутун, но и од беспарицата, овие земјоделци, сега единствено прават калкулации како да преживеат.

   „Немам никакви други примања. Имам завршено средно стручно тутунско училиште, работа нема нигде. Сето си оди партиски, тоа е факт дека од друго егизстенција немаме. Оваа година ќе намалам, од 20 декари на 15 или 14…Четворица сме заангажирани. Значи, ден и ноќ се бери, три деца малолетни имам и не знам што ќе се прави“, ни се пожали Орхан Асаноски од с. Дебреште.

  „Јас лично имам загуба од 4,5 илјади евра, оти со две евра, пониско ни се одзема, 110/120 денари, бидувало тутун да се откупи…на секоја куќа ни е намален договорот за по два-три тони тутун..Ова е кататсрофа, кој може да преживее ако остане тутунот вака ?! – прашува Сабрија Синаноски.

  „Мислиме дека ќе почнеме и да умираме веќе заради тоа што имаме и кредити за отплаќање, задолжени сме кон државата..јас мислам дека ова е многу неразумно од страна на МЗ, министерот и премиерот на државата бидејќи не водат сметка за својот народ. Јас иднината моја ја гледам во странство, дај Боже да се пуштат границиве да можам да заминам во странство“ – вели младиот тутунопроизводител, Екрем Синаноски.

    Долненските тутунари се жалаат и на министерот Хоџа кој, како што велат, досега не дошол ниту еднаш, за сам да се увери каква неправда и кражба им се правела на тутунарите.

   „Ние не можеме за трошокот да извадиме. Подобро ќе беше да не го садев, повеќе пари ќе имав. Сега и тие пари отидоа, а овие не го земаат тутунот и скрос без пари сме…“ – раскажува повозрасен тутунар.

     Заборавени и изиграни од државата, но и од постоечкиот Сојуз на тутунски здруженија, сега македонските тутунари велат дека спасот ќе го бараат во сопственото самоорганизирање во ново, официјално Тутунско здружение.

    „Најпрво што ќе побараме е да го вратат стариот Закон за откуп на тутун. Значи, да не се дозволува увоз на ароматичен тутун. Ќе побараме – откупување по шифри да не постои. Шифрата е индустриска класа за откупувачите…“, објаснува Кире Ристевски, претседател на ТЗ „Тутунска надеж“.

        Инаку, долнескиот регион, со годишно производство од над 9 милиони килограми е најголем производител на тутун во земјава. Досега се откупени нешто повеќе од 7 милиони килограми.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста