Документите на вишиот инспектор Илиевски стигнаа во Канцеларијата на ЕУ

Документите на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски од Тетово, кои укажуваат на незаконско унапредување во професорската кариера кај тројца функционери на ДУИ, стигнаа во Канцеларијата на Европската Унија. Инспекторот за целиот случај ги запознал и амбасадорите на Франција и Холандија, а покана за средба очекува и во дипломатското претставништво на САД. Разочаран е вели од неажурноста на домашните институции, кои за неговите предмети молчат со месеци.

„Таа второстепена комисија што донела скандалозно политичко решение, ќе треба да го открие и да го каже Антикорупциска. Треба да го каже инспекцискиот совет, Јавното обвинителство, а не да молчат. Со тешко срце морам да кажам дека се губи доверба во институциите. Вчера Хан кажа дека треба да имаме реформи, борба против корупција, а ние си ја продолжуваме старата песна“, вели Илиевски.

Откако го обелодени скандалот, инспекторот вели оти бил мета на закани, а за него расправаше и Дисциплинска комисија. За дисциплинската мерка која му ја одредил директорот на Државниот просветен инспекторат, Илиевски дознал од новинарите. Вели, ќе бидам деградиран со пониска функција, но на која работна позиција ќе биде поставен ќе дознае по годишниот одмор.

„Ова е една порака за сите инспектори во Македонија, дека ако го кренат гласот и укажат на незаконитост или ќе им следи линч или ќе треба да те предупредат како треба. Политизацијата е доминантна, а за сето тоа знаат и во разговорите што ги имав со ЕУ“, додава инспекторот.

Илиевски сега е раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови. Ако според систематизацијата се спушти едно скалило подолу ќе треба да работи како советник – државен просветен инспектор. Тој треба да оди во пензија во јануари следната година.

Инаку, вишиот инспектор Илиевски се товари дека го прекршил етичкиот кодекс со тоа што пред медиумите неодамна обзнани дека високи функционери на ДУИ противзаконски се стекнале со високи наставно научни звања додека биле на функција. Случајот се однесуваше на министерот за образование Арбр Адеми, заменикот министер за внатрешни Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули.

Биљана Божиновска