Докторите предупредуваат: Олабавувањето на мерките имаше политички цели, лицитирањето со бројки создава недоверба

Во услови кога бројот на заразени или починати од корона вирус секојдневно се зголемува неблагодарно е да се зборува за масовен процес како што се изборите. Кога Македонија веројатно го доживува пикот на епидемијата не треба да се фиксира датум за гласање, смета доктор Ленче Нелоска. Тоа според неа може да се случи само при сериозен надолен тренд, а не кога државата предничи со негативни тенденции и во регионални рамки.

“Многу е неодговорно да се фиксира датум кога ќе се случи тоа бидејќи ниту експертите ниту комисијата за заразни болеести ќе има доволно податоци за да донесе една одлука која ќе има импакт на целото население. Сметам дека во овој период ние мораме да се воздржиме да почекаме и да дадеме се од себе колку што е можно епидемијата да се стиши”, вели Нелоска.

Актуелните бројки според Нелоска се резултат на преуранетото олабавување на мерките во функција на политиката. Вештачки се создавала позитивна слика. Лицитирањето со бројки и менувањето во текот на денот како што вели Нелоска создаваат дополнителна недоверба на граѓаните во институциите.

“Тоа е корупција на процесот. Здравствените работници се убиваат од работа по сите лаборатории, Институт за јавно здравје и проватните лаборатории секојдневно. Да земат материјали да ги процесираат и да дадат една бројка која што е сработена. Меѓутоа едно такво лициторање со бројки кое што се случува деновиве еве и да кажеме дека е некаков пропуст остава мал простор за доверба. Се воведоа најригорозни мерки во целиов регион за потоа да се симнат сосема заради влијание на политиката” вели д-р Нелоска.

Во текот на вчерашниот ден здравствените власти прво излегоа со бројка од 67 , а потоа од 76 заразени.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста