Доктори и сестри во ГОБ „8 Септември“ се погласни за притисокот во кој работат, велат размислувале и за откази

Се тенчи трпението кај вработените во ковид центарот во ГОБ 8 Септември. Доктори и сестри кои со месеци водат битка со најтешко болните пациенти се погласно говорат за хаосот во кој секојдневно работат. Велат притисокот е огромен, а веќе размислувале и за откази. Немоќни да го издржат товарот, почнаа и јавно да му пишуваат на ресорниот министер Филипче, барајќи одговор зошто најтешко болните пациенти се згрижуваат само во нивната болница?

„Да кажете зошто сите што доаѓаат од надвор имаат само 4 до 5 дежурства, а 8 Септември персоналот го уништивте. Да кажете и зошто вработените на Клиника имаат одмор, а ние гревови што мајка ни расплакавте и кои сме најоптоварени во ситуацијава, немаме“, пишуваат вработени во болницата.

„Како немате трошка грижа на совест, грижа човечност да ги тестирате вработените во ГОБ 8 Септември? Дали знаете која жртва се дава со здравје, со време, со нерви и сега со пари зошто бркаме сами да се тестираме. Само еден момент ставете се на наше место и замислете како изгледа еден наш ден и денот на нашите семејства“, прашуваат вработените.

Министерот не гледа проблем во функционирањето на болниците, вели доктори имало доволно, а актуелниот систем на ротација бил многу добро организиран.

„Тој систем на ротација добро оди, тука ротираат интернисти пулмолози и анестезиолози, како и медицински сестри кои имаат искуство со лекување пред се во одделите за интензивна нега. Ние во исто време правиме планови и за на есен, кога очекуваме притисокот да биде уште поголем“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

И штипскиот регионален ковид центар е полн со болни од корона вирусот. Таму надлежните го активираат планот Б – пациенти од невролошкото одделение ќе ги преместат на урологија за да се добијат дополнителни легла.

Во меѓувреме, додека надлежните тераат предизборна кампања со секојдневни теренски посети, Македонија урива рекорди по бројот на заразени и починати, не само во регионот туку и во Европа. Рестрикции нема, а нема ниту планови за да се воведат нови. Министерот вели маските и дистанцата биле доволни за спречување на пандемијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста