Доктори алармираат оти лошото менаџирање на корона кризата допрва ќе удри врз здравјето на граѓаните

Битолчанка со месеци чека да и ја презакажат операцијата на двата колка која и била одложена поради корона пандемијата. Оваа сторија што вчера ја објави Алфа, за жената што со месеци живее со неиздржливи болки и моли за помош, ја разбранува стручната јавност. Доктори алармираат оти поради лошото менаџирање на кризата, пациентите се најдоа во многу незавидна ситуација. Докторката Ленче Нелоска вели оти последиците од блокираното здравство допрва доаѓаат.

„Тоа се илјадници пациенти со хронични болести кои што во моментот можеби не се акутни, но тоа дека не добиле адекватна грижа во овие три месеци можат да го доведат во ризик здравјето на пациентот. На тие пациенти не случајно им е потребна контрола на месец, на три или на шест месеци каде што треба да се видат со својот доктор“, вели доктор Ленче Нелоска.

Тоа што целиот систем е во функција на ковидот е погрешна стратегија, поради која здравствените работници се практично ставени во клинч помеѓу пациентите и системот, вели Нелоска. При ваква организација, докторите не можат да одговорат на потребите на пациентите, па се оставени во позиција да не знаат ниту каде да ги упатат, ниту како да ги утешат.

„Не работи магнетната резонанца, не работи дијагностиката. има и нови пациенти кои допрва треба да се дијагностицираат. Квалитетот на живот на луѓето е 100 процентно нарушен“, додава таа.

Дополнителен проблем според докторката е тоа што стотици здравствени работници се заразени со вирусот и уште толку останаа во самоизолација, што ги преполови капациететите на здравствениот систем.

Во насока на надминување на проблемот од кој зависи животот на пациентите, Нелоска вели оти мора итно да се воведе двосменско работење на ЈЗУ за да можат граѓаните повторно да ги добијат услугите за кои плаќаат давачки кон државата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста