Доктор Трајковски: Веднаш се одлучив да ја примам вакцината, критични случаи минаа низ мојот ковид центар

Бурни реакции во јавноста по изјавата на надлежните дека вакцината против Ковид 19 патува кон Македонија, но ќе стигне дури следниот месец. Докторот Горан Трајковски, кој работи на интензивна нега во германскиот град Нирнберг, а пред три дена ја прими првата доза од фајзеровата вакцина, вели дека оние кои се против вакцинирањето веројатно сметаат дека е добро што вакцина се уште нема во Македонија. Но, смета дека тоа сигурно не го мислат и докторите од Ковид центрите што водат секојдневна борба со корона пандемијата.

„Антиваксерите ќе речат супер во предност сме да видиме што ќе се случи, може ќе дојде некоја подобра вакцина, ама ако ги прашате лекарите на интензивна нега, секој ден е ден предоцна. Дали, ако ја одбиваат вакцината, ќе ја имаат и доблеста кога не дај боже кога ќе стигнат во болница да речат ‘добро еве јас го давам мојот кревет на овој постар господин од мене’, бидејќи по пат на тријажа ние мора да го дадеме креветот на помладиот. Дали ќе ја имаат доблеста да речат, не сакам кревет, не сакам кислород, не сакам лекови, модерната медицина за мене не игра никаква улога“, вели доктор Горан Трајковски.

Одлуката да ја прими вакцината била лесна, особено поради сите критични случаи кои минале низ неговиот ковид оддел. За дел од нив, вели дека никогаш нема да ги заборави.

„Нешто што ме шокираше и што ме заплаши беше млад човек, моја возраст, се влоши состојбата, дојде на интензивна нега со потешкотии во дишење. Му дадовме високо концентриран кислород. Неколку часа подоцна овој млад човек беше како заспан, не беше контактибилен веќе. Му направивме КТ, дечкото имаше огромен мозочен инфаркт, кој што најверојатно според предвидувањата на невролозите, ќе го направи доживотен инвалид или да не може да комуницира веќе со надворешниот свет“, вели доктор Трајковски.

По примената прв доза од анти ковид вакцината, доктор Трајковски се чувствувал одлично. Од убодот имал само мала болка во рамото која поминала следниот веќе ден. Дел од неговите колеги од болницата веќе ја примиле и втората доза од вакцината.

Биљана Божиновска