Договорот Заев- Гаши доведе до нова состојба: Осум министри Македонци, осум министри Албанци

Дали Заев плаќа преголема цена со новото поголемо парламентарно мнозинство? Договорот со Африм Гаши, за прв пат во историјата доведува до  македонската Влада со ист број на министри од македонскиот и албанскиот политички блок. ДУИ и Алтернатива заедно ќе имаат осум министерски позиции, односно едно место повеќе од СДСМ, партијата која ќе има седум министри, додека едно министерско место останува за ЛДП.

Од вкупниот состав на Владата 11 членови се Македонци, додека 9 Албанци. Албанскиот политички блок го добива ресорот здравство, кој досега беше на Венко Филипче, најблискиот соработник на Зоран Заев, сега пак ќе биде во рацете на Беким Сали од Алтернатива.

А за партијата на Африм Гаши ќе биде и Министерството за информатичко општество и администрација. ДУИ пак има неколку важни сектори, меѓу кои Министерството за надворешни работи и финансии. На позицијата прв вицепремиер останува Артан Груби, додека премиер би требало да биде наследникот на Зоран Заев на лидерската позиција во СДСМ. Главен фаворит за ова место е Димитар Ковачевски, моменталниот заменик министер за финансии.

Покрај Груби, уште еден Албанец ќе има вицепремиерска позиција, тоа е Фатмир Битиќи кој ќе остане заменик на премиерот задолжен за економија.

Со најновите случувања во Владата, се доведува до прашање и правичната застапеност на заедниците, договорена во Охридскиот рамковен договор. Наместо 20 проценти како што се предвидени за албанската заедница, функционерите во Владата речиси 50 проценти ќе бидат Албанци.

Да потсетиме, последните 100 дена од Владата според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, и премиер ќе биде Албанец. На овој договор потсети и Изет Меџити, еден од највисоките функционери на Интегративците.

-Немавме време да навлеземе во конкретни ресори, да ја анализираме нивната работа и дали има потреба да ги менуваме. Треба да видиме како ќе заврши овој процес. Една од главните точки во договорот ДУИ-СДСМ, меѓу другите сегменти, е и првиот албански премиер и не се сомневам дека тоа ќе биде тема и со следниот премиер, изјави Меџити.

Плус проблем за СДСМ во моментов сигурно ќе бидат и зголемените апетити на помалите коалициони партнери. Веќе јавно незадоволство од најновите случувања изразија и коалиционите партнери. Дел најавија дека ќе бараат поголем дел од колачот сега, а дека барањата на Алтернатива биле преголеми кажа и лидерот на НСДП, Тито Петковски.

-Алтернатива го искористи моментот, кога на Владата навистина и треба поддршка, парламентарното мнозинство да се зголеми, Алтернатива настапи со максималистички барања, користејќи ја позицијата ако сакате да остане Владата, тука сме ние, но цената е таа и таа. Сигурно објективен проценител ќе каже несразмерно многу бара Алтернатива од СДСМ и се разбира целата коалиција која што ја поддржува Владата, изјави Петковски.

Незадоволство од коалициониот договор меѓу СДСМ и Алтернатива изрази и Павле Трајанов. Лидерот на Демократскиот сојуз, силно ја критикува точката 2, која предвидува меѓународна ревизија на правосилно пресудени судски предмети, како Монструм и Диво Насеље. Трајанов потенцира и дека со поголемиот број министри од албанскиот политички блок се нарушува етничкиот баланс.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста