Договорено заедничко чествување на Кирил и Методиј – согласност за улогата на Бугарија во нивното дело

Кирил и Методиј ќе ги чествуваме заедно со Бугарија, која добила согласност од македонска страна за нејзината улога во делото на светите браќа. Ова е еден од резултатите од последниот состанок во Софија на македонско-бугарската експертска комисија, која ги чешла историските разлики во учебниците во двете земји, врз база на Договорот за пријателство потпишан од премиерите Заев и Борисов. Копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров, за бугарските медиуми потврди дека постигнале согласност за чествувањето на Кирил и Методиј и за улогата на Бугарија, но и дека и натаму има бројни несогласувања, кои се однесуваат на учебниците во основните училишта во Македонија.

-Чекор напред може да се направи. Она за што разговараме, мора да оди на разгледување пред двете влади. Неопходна е политичка волја, што може да доведе до промена на учебниците и целокупната интерпретација на минатото. Се надевам дека свој придонес во тоа ќе дадат и медиумите во двете земји – порачува Димитров и дополнува дека комисијата ќе има вистински успех тогаш кога „на воздржан начин ќе се каже историската вистина“.

Неговиот македонски колега, директорот на Институтот за национална историја Драги Ѓорѓиев, оцени дека е постигнат сериозен напредок во разговорите, а посебно околу историските несогласувања меѓу двете земји во периодот на 60-70 години од минатиот век. Биле разменети мислења со бугарската страна и за прашања од античкиот и средновековниот период, кои според него, можат да бидат променети.

-Ние само за шест-седум месеци успеавме на некои прашања од минатото да погледнеме од друг аспект, изјави Горѓиев.

Ѓорѓиев смета дека идните генерации ќе можат да гледаат на историските личности како на дел од вкупната цивилизација, а не тие да бидат поделени на, како што рече, такви или онакви. Пред два месеци тој за Алфа потврди дека начелно е постигнат договор за заедничко славење на Григор Прличев, додека за царот Самоил направени се некои чекори, но дефинитивна согласност меѓу двете страни не е постигната. Најави и дека очекува проблеми да има во врска со темите од поблиското минато бидејќи таму постојат и најголеми разлики.

Драган Милосављевиќ