Договор за ЈО или предвремени избори-Заев и Мицкоски на мегдан за излез од кризата

Го изморија ли премиерот Заев секојдневните скандали, па во пресрет на вечерашната лидерската средба призна дека Македонија имала историја од 30 децении…или ја продолжи серијата на лапсуси…

– Сакаме се повеќе да помагаме на посиромашните луѓе заради создавање на една средна класа која за жал е изгубена е низ овие 30 децении самостојност на државата, рече Заев на одговор на новинарски прашања.

А лидерите на најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Мицкоски и Заев вечерва ќе решаваат за судбината на Специјалното јавно обвинителство. Лидерската средба закажана на неутрален терен во Собранието, треба да донесе конечна одлука за Законот за Јавното обвинителство. Премиерот бил оптимист, оти се водел од интересите на државата.

– Нашите ставовие е се што е интерес на државата. Зборувам во парламентот, зборувам во изјави. Мислиме дека е ова неповторливо позитивно време за нашата држава, во време во кое очекуваме датум за почеток на преговорите за полноправно членство во НАТО, треба да дадеме шанса и на правната држава, и на економијата и затоа реков до крај на мандат треба да тераме. Тие побараа предвремени избори – ок, нека бидат крајот на октомври 2020-та, изјави премиерот.

Иако Заев отфрла итно соочување со народот, сепак на менито на преговарачката маса вечерва покрај решението за СЈО, ќе се најде и барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори.

– На таа средба, на тие преговори јас ќе ја наметнам темата и сакам да разговарам и за предвремени парламентарни избори. Нели блескаме, нели анкетите се добри, се е како што треба во државата, ајде да видиме дали навистина е така или можеби ова претставува уште еден блеф од страна на господинот Заев и СДСМ а во насока на зајакнување на меѓупартиските редови кои што според нашите информации трпат огромна штета , порача Мицкоски во изјава за Алфа.

Албанските парламентарни партии пак негодуваат зошто биле исклучени од вечерашнава лидерска средба, па контра бараат лидерска ама во присуство на меѓународната заедница, бидејќи никој не можел да зборува во име на Албанците.

– Досега имало две групи кои работеле на законот за Јавно обвинителство сочинети со членови на Владата без да бидат вклучени албанските партии. Јавно прашуваме кој им дал право на премиерот Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски да ги исклучат или да не ги поканат лидерите од албанскиот политички блок. Ниту Заев ниту Мицкоски не можат да одлучувуваат за судбината на Специјалното јавно обвинителство кое некогаш беше донесено со политички и етнички консензус иницирано од меѓународниот фактор, вели Беџети од Алијанса за Албанците.

Инаку уште пет дена остануваат до истекот на мандатот на Катица Јанева кој согласно Законот за СЈО значи крај и на мандатите на помошниците обвинители и истражителите.

Ивана Соколовиќ Најдова