Договор за Албанец премиер на Македонија- пробен балон за испитување на пулсот на народот или уште еден погазен збор на Заев?!

Една година Албанец премиер на Македонија, пробен балон за проверување на пулсот на јавноста. Ваков впечаток се добива откако Коха ексклузивно објави дека Заев го прифатил условот на ДУИ, за премиер од албанскиот политички блок. Доколку навистина лидерот на СДСМ го прифатил ваквиот услов за да остане на власт, тогаш ќе прекрши два дадени збора. Едниот дека нема да прифати премиер да биде кадар на ДУИ.

-(Прашање: Дали во тој случај би прифатиле таков ултиматум, таков услов од страна на ДУИ­?) Секако дека не, ултиматум не треба да прифаќа ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту Ахмети, ниту било кој да прифаќа, изјави Заев.

А ќе го прекрши и зборот дека ДУИ ќе замине во опозиција.

-ДУИ заминува во опозиција. Pse JO BDI ne opozit? Зошто не ДУИ да биде опозиција, изјави Заев.

Според Коха постигнат е договорот три години премиерското столче да биде на СДСМ, односно Заев, а една година на Илинденска да шефува кадар на ДУИ. Се поставува и прашањето од која од двете партии протекла оваа информација. Интегративците ниту потврдуваат, ниту пак демантираат. Артан Груби на Фејсбук напиша дека се транспарентна партија, која за сите процеси ги вклучува и известува граѓаните.

-Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено. Воспоставените пост-изборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани. Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало ниту се договорени со ниту една од страните, пишува Груби на Фејсбук.

Од СДСМ пак засега се уште молк на оваа тема. Официјален партиски став нема, а единствено со двосмислен статус на Фејсбук се огласи Мухамед Зекири, кој напиша „гладна кокошка, просо сонува“. Од владејачката партија ниту збор дали навистина прифатиле Албанец премиер, само уште еднаш го повторуваат истото, ќе биле дел од новата Влада.

-Со уште подобри политики и подобри резултати, продолжуваме по патот на напредокот, по патот на градење на современо општество со европски вредности дома. СДСМ со новата Влада, останува посветено да работи заедно со и за граѓаните и државата, велат од СДСМ.

Според Коха официјализирањето на коалицијата ќе се случи по 4 август, кога се очекува Заев, Али Ахмети и Билал Касами да ја официјализираат следната влада на јавна средба. Како што пишува весникот останува партиите само да се договорат кој ќе ја има премиерската позиција во првата година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста