Догодина нема субвенции за купување возило

Нема пари за субвенции за купување на возило наредната година. Откако министерот за економија Крешник Бектеши помпезно ја најави оваа мерка со задолжително откажување на старото возило, односно носење на отпад, Владата се откажа. Министерката за финансии потврди дека пари од државната каса за оваа намена ќе нема.

Министерот Бектеши сега ретерира. Тврди дека не ги излажале граѓаните. Вели прво ја промовирал мерката, но исто така пред неколку месеци најавил дека најверојатно ќе се оди со друго решение. За него, спорен бил принципот „Прв дојден, прв услужен“. Тој бил ограничувачки фактор и само мал број луѓе ќе добиеле субвенции. Работните групи се уште работеле на неколку опции, но Бектеши тврди дека не се откажувал од мерки за обнова на возниот парк.

Претходно од министерството за економија соопштија дека најверојатно за оваа мерка ќе се чека ребалансот на буџетот и дека ќе се делат субвенции само за набавка на нови, но не и на половни возила. Кога првично се најави мерката летово, сопствениците на автоплацеви и салони за коли се израдуваа мислејќи дека драстично ќе се обнови возниот парк и ќе се зголеми продажбата. Во просек граѓаните што купуваат стари возила одвојуваат од 2.000 до 5.000 евра. Од 466 илјади регистрирани возила, речиси 270 илјади се постари од 18 години.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста